1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговијата се радува на предбожиќната конзумна треска

Катрин Славингер/ Жана Ацеска14 декември 2012

Ако во предбожиќниот период се поминува по улиците на некој од поголемите германски градови, потребни се силни нерви. Стотици илјади граѓани се во потрага по божиќни подароци, а трговците се задоволни.

https://p.dw.com/p/16uq1
Фотографија: picture alliance / ZB

Првиот адвент-викенд Ања Бахофер го резервираше за купување божиќни подароци со децата.

А таа не е единствена во Берлин со ваква идеја: илјадници семејства јуришаат во продавниците и трговските центри.

Онлајн купување од дома е поудобно, но за Ања не е алтернатива.

„Добро е што во продавниците се раѓаат идеи, прошетките притоа во предбожиќното време се во преден план. И децата уживаат во тоа. Купувањето веројатно ќе го поврземе со прошетка и по божиќниот пазар, за да заокружиме еден убав ден“, вели Ања.

Посебно добро во периодот пред Божик се продава облека. Во скапите бутици се задоволни исто колку и во големите стоковни куќи. Добро одат и накитот и играчки.

Многумина трговци мораа да порачаат дополнително стока, зашто на првиот адвент пред Божик навалицата беше поголема од очекуваното.

Bildergalerie Weihnachtsgeschenke
Фотографија: cmfotoworks - Fotolia.com

„Во стоковна куќа со оваа големина на ваков ден доаѓаат 80 до 100 илјади луѓе. Низ градот се раздвижени милиони луѓе, посетители, но и берлинци. Овој почеток е многу важен, а денешниов ден е во знакот и на малите подароци за Свети Никола, декорации, колачи“, истакнува Нилс Буш-Петерсен од Здружението на трговци Берлин Бранденбург.

Четирите недели пред Божик за трговијата се најважни во годината. Во ниеден друг период не се продаваат толку производи, прометот е висок.

И семејството Бахофер по двеиполчасовно шетање низ продавниците потроши повеќе од двесте евра, на радост на продавачите.

„Фреквенцијата е висока, а се‘ повеќе се зацврстува трендот последните години, подароците да се купуваат порано, посебно играчките. Често оние кои децата ги посакувале веќе ги нема, тоа уште сега многу се чувствува“, објаснува Торстен Крузе, раководител на Кауфхоф Берлин Александерплац.

На крајот на првиот адвент-викенд трговијата беше задоволна. Иако, многу потрошувачи само направија увид во понудата и не купуваа многу.

„Видовме многу убави работи, вредни да се имаат. Но, морам да признаам, денеска не беше главното купување. Дали тоа ќе го направиме преку интернет или во продавница, уште не знаеме“, вели Ања Бахофер.

Но, до Божик има уште време. А многу продавници дотогаш се отворени и во недела.