1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговијата со органи повторно во центарот на вниманието

4 август 2009

Во Белград деновиве престојува специјалниот известувач на Советот на Европа заадолжен за истражување на наводите за трговија со органи на заробените Срби и друго неалбанско население на Косово, Дик Марти.

https://p.dw.com/p/J39F
„Жолтата куќа“ на северот на АлбанијаФотографија: DW/Mimoza Dhima

Дик Марти вчера (03.08.09) се сретна со српската министерка за правда Снежана Маловиќ. Таа истакна дека српското обвинителство за воени злосторства собрало голем број податоци за трговијата со органи и изрази надеж дека Марти нив ќе ги презентира пред Советот на Европа. Српската министерка Снежана Маловиќ за време на разговорите со специјалниот известувач на Советот на Европа Дик Марти укажала дека на просторот на Косово од 1998 година наваму исчезнале 1.300 Срби и друго неалбанско население, и оти досега е утврдена судбината само на триста од нив. Маловиќ изрази задоволство дека Марти дошол во Србија и оти сака да ги сослуша првенствено претставниците на Српското обвинителство за воени злосторства. Токму денеска Дик Марти има средба со главниот обвинител за воени злосторства Владмир Вукчевиќ, а треба да разговара и со претседателот на владината комисија за исчезнати лица Вељко Одалович, но и со претставници на здруженијата на семејствата на киднапираните и исчезнати лица на Косово.

Europarat Dick Marty zu CIA-Flüge
Дик МартиФотографија: AP

Истрага на Советот на Европа

Дик Марти инаку во својата биографија зад себе ја има успешната истрага за тајните летови на ЦИА во Европа. По таа истрага исчезна и оној малку преостанат меѓународен кредибилитет што го имаше администрацијата на претходниот американски претседател Џорџ Буш. Сега во Белград престојува во рамките на истрагата за наводните злосторства извршени од страна на ОВК над Србите, меѓу кои се измачувања, убиства и кражба и трговија со органи.

Ex-Chefanklägerin Del Ponte darf Buch über Kriegsverbrecher nicht selbst vorstellen
„Лов“ на Карла дел ПонтеФотографија: Picture-Alliance /dpa

Советот на Европа ја покрена оваа истрага по објавувањето на книгата „Лов“ на поранешнаата главна обвинителка на Хашкиот Трибунал, Карла дел Понте и одбивањето на властите во Приштина и на Тирана да се позанимаваат со ваквите обвинувања. И мисијата ЕУЛЕКС не покрена истрага поради наводен недостаток од докази, но засега со сигурност е утврдено дека во албанското село Бурељ, постои т.н „жолта куќа“ во која според тврдењата на Дел Понте, но и на српското обвинителство, се наоѓала импровизирана болница во која на киднапираните Срби им биле вадени органите. Тука, според истите наводи, убиени се околу 300 српски цивили, грабнати за време на влегувањето на меѓународните сили на Косово во јуни 1999 година.

Српското обвинителство досега врз основа на фотографиите со кои располага идентификувало десет можни убијци и една од жртвите - Предраг Драговиќ, а освен ослогласената „жолта куќа“ се споменуваат уште три локации, исто така во северниот дел на Албанија, за кои постои сомневање дека биле користени за истата цел.

Придвижување на истрагата?

Портпаролот на обвинителсството Бруно Векариќ очекува дека по посетата на Марти и меѓусебната размена на податоци со српското обвинителство, конечно ќе дојде до вистинска истрага која косовските и албанските власти ја отфрлаат: „Очекуваме од господинот Марти, без намера врз него да вршиме притисок, поддршка за спроведување на регуларна истрага и на Косово и во Албанија и да дојдеме до вистината за тоа што се случило со 300 до 500 луѓе, кои исчезнале од 1999 до 2001 година“, рече Векариќ. Дик марти според неофицијалните информации, по Белград патува за Приштина, а потоа и во Албанија.

Автор: Немања Рујевиќ / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска