1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговијата со оружје глобално опаѓа, освен во Русија

ЕМФ/дв1 февруари 2014

Во 2012. година ширум светот е продадено помалку оружје отколку во годината претходно. Само Русија го зголемува своето производство, соопшти шведскиот Институт за истражување на мирот, СИПРИ.

https://p.dw.com/p/1B1E2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Стотици водечки производители на оружје во 2012. година продале 4,2% помалку оружје отколку во 2011-та, соопшти СИПРИ на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Во 2012. година се тргувало со оружје и друга воена опрема во вредност од 395 милијарди долари (292 милијарди евра).

Сепак, во споредба со 2003. година, значи една деценија претходно, продажбата е зголемена за 29%. Три четвртини од фирмите за оружје имаат седиште во САД и Западна Европа.

СИПРИ, меѓутоа, подвлекува дека пад на продажбата на оружје во 2012. година нема насекаде. Помала продажба бележат претпријатијата за оружје во САД, Канада и повеќето западноевропски земји. Германските производители, како Краус-Мафеи-Вегман, кој продуцира тенкови и Тисен Круп, каде се работи на бродови, поради послабата побарувачка имаат загуби од цели 20%.

Повлекувањето на американската армија од Ирак на крајот на 2011. година предизвика големи загуби кај некои американски фирми. „Врвот што го доживеа американската индустрија за оружје, кога САД беа вклучени во две војни, е минато“, вели Сем Перло-Фримен, одговорен во СИПРИ за делот на воени издатоци и програми за производство на оружје. „Но се‘ уште се бележат добивки кои, во историски рамки споредено, се многу високи“.

Руската бранша со оружје бележи бум

Во Русија пак, плановите на претседателот Путин за вооружување покажуваат ефекти. Шесте најголеми руски фирми за оружје продале 28% оружје повеќе отколку во 2011. година. „Руската индустрија за вооружување се издига постепено од руините на советската индустрија“, нагласува Перло-Фримен. Сепак, конкурентноста на Русите е ограничена, со оглед на тоа што нивната опрема е застарена, организацијата неефикасна, а корупцијата широко распространета. Русија е најважен лиферант за оружје за Индија и Сирија.

Уделот на незападните држави во светската трговија со оружје, според СИПРИ, изнесува 13,5%. Притоа СИПРИ не располага со податоци за Кина.

Шведскиот парламент го основаше Институтот за истражување на мирот СИПРИ во 1966. година. Тој ги снабдува научниците, политичарите и медиумите со податоци, анализи и препораки за меѓународни воени прашања.