1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трговска војна на балкански начин

Костадин Делимитов10 септември 2013

Блокади, забрани, такси, закани за воведување визи. Наместо договор Приштина и Скопје „распалија“ меѓу себе со непопуларни мерки. Експерти предупредуваат дека спорот нема врска со економија.

https://p.dw.com/p/19eWi
Фотографија: DW/Esat Ahmeti

Наместо смирување на кризата, ситуацијата со косовско-македонската трговска војна станува се` потензична. Превозниците од транспортното здружение „Макамтранс“ од синоќа го блокираат граничниот премин Блаце во знак на револт од ненајавената косовска забрана за увоз на македонски стоки.

„Бараме двете влади итно да го решат проблемот и да се стави крај на овој проблем кој е штетен за нас превозниците и за целокупната економија и на двете земји. Страшно е да се воведуваат вакви забрани“, изјави за Дојче веле Билјана Муратовска, претседател на „Макамтранс“.

Најважно е да се надмине ситуацијата

Блокадата се активираше откако министерот за економија Ваљон Сараќини не успеа да ги убеди косовските власти да ја симнат забраната. На средбата во Приштина тој добил порака дека Косово е отворено за соработка и сака решение преку дијалог, но инсистира на укинување на мерката за условен увоз за брашното и таксите за косовските патници и возила:

„Надминување на ситуацијата е врвен приоритет на двете земји. Мора да ги искористиме сите расположливи механизми и да отпочнеме конструктивен дијалог. Бидејќи тоа е во интерес на економиите и на Република Македонија и на Република Косово, а пред сè е во интерес на граѓаните. Македонија сака решение и надминување на оваа ситуација и ние сме подготвени за дијалог. Оваа за ситуација за нас е непосакувана и затоа мора да ги вложиме сите напори во интерес на двете земји. Мерките што ги воведе Владата не беа наменети против Косово, но сега е најбитно да се најде решение и излез од ситуацијата“, изјави Сараќини.

Косово има свои аргументи?

Владата во Приштина се повикува на обврските од Цефта за кои тврди дека биле прекршени од страна на Македонија со мерката за условен увоз на пченица и брашно, што беше воведена во јули. Членови во работните групи што заседаваат во рамки на Цефта, за Дојче веле пак коментираат дека ваквите тврдења на Приштина воопшто не држат, туку напротив, Косово со ненајавеното воведување на забраната за увоз грубо го крши трговскиот договор. Македонија уште пред јули ги известила сите земји - партнери дека ја воведува времената заштитна мерка со што ги испочитувала сите правила, што било констатирано и на состанокот на комитетот во Белград: „ Косово е членка на Цефта, но речиси воопшто не ни присуствува на средбите. Ова што тие го прават, а не Македонија, е грубо кршење на Цефта и непочитување на ниту едно начело. Чудно е што забраната ја воведоа преку ноќ и неколку денови откако Владата во Скопје соопшти дека заштитната мерка се укинува. Чудно е што и Косово реагира, ако се знае дека само 2% од увозот на брашно е од оваа земја. Има многу политика во ваквиот потег“, коментира за Дојче веле експерт кој членува во работните групи во Цефта.

Deutsch: Flagge des Zentraleuropäischen Freihandelsabkommens (CEFTA)
Блокадата не е во духот на ЦЕФТА

Политика, а не економија

Повеќе политика отколку економија во спорот препознаваат и дел од експертите:

„Блокирањето на одредени македонски стоки да влезат во Косово, без претходна официјална најава на причините, е тежок преседан и надвор од сите норми на меѓудржавно комуницирање. Засега, информациите се штури и контрадикторни и недоволни за некаков заклучок. Ни останува да се надеваме дека тоа не е дел од некаков поширок притисок врз нашата земја, инициран од меѓународен фактор. Косово останува наша значајна извозна дестинација и покрај сериозниот пад регистриран во првата половина на оваа година“, коментира за Дојче веле поранешниот амбасадор, Ристо Никовски.

Паралели со грчкото ембарго

Косовското ембарго потсетува на она од Грција од средината на деведесетите, но не треба да се поврзува со актуелната ситуација, смета економистот и поранешен собраниски спикер Стојан Андов. Двете страни според него треба итно да го решат проблемот:

„Ембаргото од Грција беше предизвикано од отпорот и притисокот да прифатиме диктат. Овде по мое мислење станува збор само за невнимателност и неодговорност пред се‘ на нашите органи. Крајно лошо е ова што се прави и можеме да се соочиме со сериозни последици. Целата работа се менаџира многу лошо и се создава поголем спор. Мислам дека двете влади треба да седнат итно и тоа на премиерско ниво и да го решат тој спор“, изјави Андов.

Дополнителна тензија предизвикува и непотврдената информација дека македонската Влада размислува да воведе визи за косовските граѓани. Реагираше и Брисел, кој инсистира да се почитуваат обврските од Цефта, Централно европскиот договор за слободна трговија.