1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Треба да се замислиме“

11 март 2010

По Зимските олимписки игри во Ванкувер - Македонија на Олимпијадите, е темата за која за Дојче веле зборува спортскиот директор на Македонскиот олимписки комитет, Владимир Богоевски.

https://p.dw.com/p/MPf6
Владимир БогоевскиФотографија: Zlatko Kalinski

Како го оценува настапот на македонските репрезенти во Канада - како реален и очекуван или како потфрлање?

Богоевски: Мое мислење е дека македонските спортисти не постигнаа задоволителни резултати, напротив тие потфрлија. Во најмала рака требаше да ги потврдат резултатите со кои отидоа, меѓутоа според мене постигнаа лоши резултати: Дарко Дамјановски во скијачко трчање од 95 натпреварувачи заврши на 85-то место, Росана Кировска од 78 скијачки беше 77! Антонио Ристевски беше нашиот најдобро пласиран во Алпското скијање. Од 103 натпреварувачи во велеслалом заврши на 53 место.

Уделот на МОК во подготовките за Ванкувер...

Богоевски: Ние на олимпијците им овозможивме стипендии од по 1500 долари во последните 14 месеци. Тоа беа наменски пари. Еден дел како лична стипендија, другите за исполнување на нините програми. МОК направи голем напор да ги обезбеди овие стипендии и мислевме дака со тие пари ќе се направат добри подготовки и дека пласманот ќе биде нешто подобар од она што беше во тој момент.

Факт е дека од 2000 година наваму, Македонија на Олимписките игри, летни и зимски, е со мотото: важно е да се учествува! Дали е тоа реалната слика за квалитетот на македонскиот спорт?

Mazedonien Sportdirektor Olympisches Komitee
Владимир Богоевски во разговор со Златко КалинскиФотографија: Zlatko Kalinski

Богоевски: Ако кажеме за некого дека е учесник на Олимпијадата, од страна се мисли дека е тоа некоја голема работа. Меѓутоа, најголемиот број наши спортисти одат на Олимпијадата со Б-норма или со вајлд карта, што им го обезбедува учеството. Тоа е реалната слика на македонскиот спорт. Ние сме на многу ниски гранки. На пример, последниов резултат на Антонио Ристевски, 53 – то место во велеслалом ! Ако ја земеме ранг листата на најдобрите светски скијачи во таа дисциплина тој не е ни меѓу првите 500 на таа листа.

Гледате ли можно позитивно поместување за претстојните Олимпијади во Лондон 2012 и во Сочи во 2014 година?

Богоевски: Ако треба да дадам прецизна оценка, мислам дека не ни се пишува ништо розово! Треба да седнеме сите заедно, МОК, Агенцијата за млади и спорт, и спортските федерации и да се замислиме. Можеби треба сите заедно да направиме план и програма, стратегија како да се оживее македонскиот спорт. Мораме да направиме се‘ што е во наша моќ на идните Олимпијади, официјалните европски и светски првенства, македонските репрезенти во што подобро светло да ја претставуваат нашава земја.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска