1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да се искористи посетата на Бан Ки Мун

Костадин Делимитов20 јули 2012

Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун во рамки на посетата на регионот, на 24.07 ќе допатува во Македонија. Тој ќе биде придружуван од медијаторот во грчко-македонскиот спор за името Метју Нимиц. Што може да се очекува?

https://p.dw.com/p/15blw
Фотографија: Reuters

Посетата на генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун на Македонија е од исклучителна важност и мора да се искористи за позитивен импулс во спорот со Грција околу името. Поранешниот претседател на Генералното собрание на Светската организација, доктор Срѓан Керим, кој е единствениот од Македонија што ја извршувал оваа значајна функција, смета дека е многу важно што конечно еден генерален секретар се зафати за досието Македонија и нејзиниот проблем со Грција:

„Јас се уверив во таа една година додека бев во ОН дека таму никој жив тоа не го третираше како прашање, беше крајно на периферија, неважно, дури и по фиоки. Меѓутоа, Бан Ки Мун со неговите соработници сепак покажа дека има интерес и желба да даде свој придонес за негово решавање и не случајно сега во посетата на Македонија доаѓа со својот личен пратеник, амбасадорот Метју Нимиц, да го демонстрира тоа не само симболично, туку и конкретно за да може да разговара со раководството на Македонија и за да може потоа да разговара и со Грција, потемелно, поиздржано, кои се патиштата да се реши проблемот“, оценува Керим.

S.Kerim, WAZ Mazedonien
Срѓан Керим: Референцата не е имеФотографија: DW

Сепак, според него, не треба да се има илузија дека Бан Ки Мун има волшебно стапче и ќе успее заедно со Нимиц тоа и да го стори:

„Тој само може да стори онолку колку што ќе му дозволи она што ќе биде комуникација и договор меѓу Скопје и Атина. Се надевам дека оваа негова посета ќе биде сериозен чекор во вистинска насока, а тоа значи кон решавање на проблемот и дека овие разговори во Скопје ќе му послужат како уште една важна инстанца во оформувањето на некаков предлог или некаков фундамент за решавање на спорното прашање, според кое Советот за безбедност ќе донесе одлука како да се замени референцата Поранешна Југословенска Република Македонија со име за употреба во ОН, бидејќи Македонија всушност така како што се формулирани тие две резолуции во Советот за безбедност и нема име во ОН, бидејќи референцата не е име“.

Керим предупредува дека политичките фактори во земјата околу прашањата од национален интерес треба да зборуваат со еден глас. Актуелното разногласие според него е штетно за земјата :

Metju Nimic
Метју Нимиц ќе дојде во придружба на Бан Ки МунФотографија: DW

„Мислам дека оваа посета на генералниот секретар треба да се искористи отсега натаму сепак да се води сметка кога станува збор за прашањето за името со Грција да се држиме до тоа мото, до тој принцип - да зборуваме со еден македонски глас, бидејќи и тоа ќе биде своевиден придонес за побрзо решение на името, а не со лицитирање на разни несериозни и однапред укажувања какви имиња би биле поволни и неповолни, па дури и кажувања на телевизии и во трети земји. Значи го извезуваме дури и на страна, што за мене е политички неприфатливо и несериозно и само им штети на интересите на Македонија“.

Според Керим, кој е актуелен член на Советот на претседатели на Генералното собрание на Светската организација, на Македонија и‘ оди во прилог да се забрза процесот пред се заради забрзување на евроатлантските интеграции, што не е случај и со Грција. Сепак тој смета дека не би било добро да се брза по секоја цена да се бара решение, туку тоа мора да биде решение кое во ниту еден случај нема да го повреди достоинството на македонскиот народ и на Македонија како држава.