1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да се најде убава придавка за името Македонија

Тони Гламчевски25 април 2007

ИНТЕРВЈУ СО ЕЛЗА ПАПАДИМИТРИУ – ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ГРЧКАТА ПАРЛАМЕНТАРНА ДЕЛЕГАЦИЈА ПРИ ПАРЛАМЕНТАРНОТО СОБРАНИЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ОД РЕДОВИТЕ НА НОВА ДЕМОКРАТИЈА.Интервјуто го води Тони Гламчевски

https://p.dw.com/p/AdYa
Елза Пападимитриу
Елза ПападимитриуФотографија: DW

Г-ѓо Пападимитриу, како ги оценувате билатералните односи меѓу Грција и Македонија, дали има подобрување ?

Мислам дека позитивните чекори кои ги направивме до денес беа во ритамот на подобрување на односите. Но тие не беа толку брзи и динамични како што посакував. Мислам дека претставува добар знак што претставниците на двете земји продолжуваат да дискутираат во ООН. Дискусиите се надежни и носат перспективи, тоа е се што можам да кажам.

Судејќи според односите меѓу двете земји на економски план, за кои можеме да речеме дека се одлични, се добива впечаток дека деловните луѓе и населението како да ги игнорираат нерешените политички прашања?

Дозволете ми да ви кажам дека економските односи и нивниот напредок ги надминуваат сите очекувања, но тие не ја надминуваат политичката волја на грчката влада. По склучувањето на договорот во 1995, ние рековме дека економски ќе и помогнеме на земјата. Тоа го направивме и продолжуваме да го правиме. Ние се залагаме за стабилноста на нашиот регион. Не можеме да имаме само негативен поглед на малиот број на проблеми кои ги имаме. Позитивниот поглед е тој кој што надвладува, како на пример нашите корени и заедничкото културно и религиозно наследство. Не е само силата на пазарот и случајноста.

Дали има политичка волја за да се реши проблемот со името?

Апсолутно, апослутно да! Да ве потсетам, Грците беа тие кои го направија првиот чекор. Двата милиони Македонци сакам да ги потсетам дека ние направивме чекор наназад со одлуката да прифатиме име со додавка за земјата. Се сеќавате, нашата првична позиција беше да не прифатиме име во кое ќе стои Македонија. Тоа е голем напредок. Грција го направи првиот чекор, сега е редот на Поранешната југословенска Република Македонија да го направи истото.

Мораме да го решиме проблемот, бидејќи европската перспектива е значајна за земјата. Името со додавка не смее да одзема ништо од тоа што се сака што треба да означува.

Според вас г-ѓо Пападимитриу, кое е решението за името кое треба да го носи државата. Македонците велат дека тие направија отстапки: го сменија знамето, Уставот, јасно рекоа дека немаат територијални претензии кон Грција.Од друга страна Македонците не се спротивставуваат на тоа Северна Грција да го носи името Македонија. Па и грчкиот премиер тука во Стразбур изјави дека е Македонец. Зошто тогаш тоа истото им го оспорувате на Македонците, кои се од другата страна на границата?

Ги гледам вашите аргументи. Вие откорнавте неколку мали дрвца, но шумата се уште е тука. Името е како шума. Тоа е голем проблем кој се уште е присутен. Лично сакам да ви речам, дека не посакувам „ПЈРМ“ да се претвори во друга „ПЈРМ“. Сериозно сметам дека треба да најдеме решение за името денес, за да можеме заеднички да ги развиеме нашите соседски и европски перспективи.

Грција ги оцени како агресивни одлуките на македонската влада за преименување на аеродромот во Скопје во Александар Велики. Дали може да се очекува нова иницијатива од грчка страна за проблемот со името?

За приказната со аеродромот не сакам да кажам дека не е сериозна, но не наоѓам друг збор. Сите ги знаат историските и археолошките докази за Александар Велики, кои имаат исто значење за Скопје како и за Норвешка. Тука се гледа проблемот со името, затоа ние треба да најдеме решение за него.

Според Вас решението е сложено име. Вие сигурно знаете дека македонската влада предлага земјата во меѓународните институции и во односите со другите земји да се вика според уставното име, додека во односите со Грција да се користи едно компромисно решение?

Не! Нашата земја нема да прифати едно име кое ќе важи само за билатералните односи меѓу Грција и ПЈРМ. Тоа не можеме да го прифатиме. Треба да се најде една убава придавка: Нова, Северна, Славо... Не знам каква, придавка, бидејќи не сум таа која треба тоа да го направи. Тоа е работа на посредникот Нимиц и на двата претставници. Тие треба да најдат име, кое нема да го намали тоа што го посакуваат нашите соседи и тоа што ние сакаме да го заштитиме.

Дали со Вашите колеги - македонските парламентраци овде во Стразбур дискутирате за проблемнот со името и дали е можна една парламентарна иницијатива околу името?

Откако сум во Стразбур, имам многу добри односи со нив. Имаме работено заеднички по многу прашања, се разбира имаме зборувано и за ова прашање. Пред една и пол години им предложив да преземеме заедничка иницијатива за да помогнеме преку парламентарната димензија во она што се случува во ООН и меѓу нашите влади. Најнапред прифатија, но тоа не беше следено на дело. Повторно ќе ја релансирам идејата.

Пред Вас е Предлог-резолуцијата на неколку ваши колеги од ПС на СЕ за тешкотиите на македонското малцинство во Северна Грција, што мислите за неа и воопшто за проблемите на македонското малцинство во вашата земја?

Меѓу предлагачите имам мои пријатели. Апсолутно, тоа е нивно исклучиво право да поддржат една кауза, за која сметаат дека е праведна.

Јас исто така имав можност да разговарам овде во Стразбур со претставници на грчки државјани, кои се претставуваат како македонско малцинство. Според мене тоа е една голема кошница на проблеми. Некои од нив се многу тешки. Во моментов, во нашиот регион со сите паралелни проблеми, тешко можат да се разгледаат сите заедно. Лично сметам, бидејќи се уште немам раговарано ниту со мојата делегација, ниту со властите на мојата земја, некои од нив можат да бидат разгледани и одлучив за тоа да отворам дијалог со моите колеги.

На крајот, сигурно е дека ќе има напредок и ќе се запознаеме со вистинската димензија на проблемот, иако стравувам дека тој не таков како што е претставен.

Вие, овде во Вашето биро во Советот на Европа, примивте делегација на македонското малцинство од Грција. Што Ви рекоа и што Вие им одговоривте?

Барањето за прием беше направено од претсавник на Европската слободна алијанса, моја демократска должност е да ги примам. Тие исто имаат право да побараат да дискутираат со шефовите на делегацииите на сите 48 земји. Ќе ги сретнев и да побараа да ги примам во Атина. Добронамерниот разговор е првиот чекор и најпогодната димензија за да се запознаеме и да им служиме на проблемите заедно.

Тие беа многу среќни што ги примив. Притоа тие ми ги изложија нивните проблеми и прашањата со кои мислат дека се среќаваат во Грција како и што мислат за Предлог-резолуцијата.

Дали можат да очекуваат одговор на нивните прашања?

Од моја страна, апсолутно да.

Тие Ви го подарија и „Абецедарот“, повтореното издание на прирачникот за изучување на јазикот на македонското национално малцинство во Грција, издаден во дваесетте години од грчката влада.

Знаев дека во дваесетите години беше издадена првата публикација. Тоа го знам како што знам многу историски моменти, кога заради специјални причини за тоа време, доведоа до раѓање на повеќе иницијативи. Побарав, да го имам заедно со досието за пописот на населението и нивната верзија на историјата за движењето на населението. Тоа ќе го прочитам. Мислам дека вистинската историја, никогаш не се става во опасност од друг начин на нејзино читање. Тоа го правам за сите грчки епохи. Резултат на тоа е што лично самата успевам да дознам, што треба да направам како политичар или да бидам сенсибилизирана за барањата на оние кои веруваат дека имаат една нација и земја која не ги зема во предвид серизоно. Им реков дека нашата земја и мојата влада, како и сите други влади ги сваќа серизоно и сака да ги третира праведно, како сите други луѓе што живеат во Грција.

Се разбира, потребно е да ги разгледаме повторно дефинициите, бидејќи шумата е заедничка за сите.

Тие велат дека се грчки државјани, но со македонско етничко потекло, Грција официјално не признава постоење на македонско етничко малцинство во нејзините граници. Дали еден ден може официјално да биде признато постоењето на македонско малцинство во Грција, кое очигледно постои?

Меѓу нив има луѓе кои велат дека се грчки државјани, тие кои се во Грција. Голем број од нив се изјаснуваат дека имаат македонска етничка припадност. Не сите. Го разбирам нивниот проблем. Тука навистина постои проблем, кој од хумана гледна точка е тежок .

Тие треба да свтатат дека зборовите треба да бидат чесни и блиски до историските димензии на земјата на која се државјани. Мислам дека тие треба да поминат уште пат за да го имаат тоа што го сакаат.

Од друга гледна точка, историјата на грчката влада, на Грција, на сите нас, вклучувајќи ме и мене, прифаќањето на европските стандарди за малцинствата не можат да бидат еквивалентни со тие на Франција и Германија. Посебно меѓу два народи кои не се имаат судрено освен преку нивната историска и културна размена.

Ние сакаме поголема добра волја и разговори за реалноста. Ги гледав податоците од пописот кои се многу далеку од објективната ситуација. Им реков, дека тие сугерираат нешта кои не се во нивни интерес. Но едно е јасно, постојат тешкотии но ви гарантирам дека ќе го следам ова прашање.

Кога зборувате за историјата, постои уште еден проблем од поблиската историја на Грција. Граѓанската војна и политичките бегалци со македонско етничко потекло. Некои од нив се уште не можат да се вратат во Грција, каде се лишени од нивното државјанство и имоти. Дали е можна законска иницијатива во грчкиот парламент за да им се вратат одземените права и имоти?

Најнапред морам да ви речам дека според мене и според принципите на мојата партија, во една граѓанска војна нема добра или лоша страна.

Тоа добро го познавам. На повеќе пати тоа ми беше речено од бегалците со различно потекло кои се вратија. Тие без да веруваат идеолошки во комунизмот, мораа да им се приклучат на силите во планината, како што ние ги викаме, бидејќи тоа беше едно и често единственото решение. Тоа е важен коефицинет за да се преиспита анализата на ситуацијата. Вистина е, грчкиот закон предвидува неколку критериуми за бегалците со грчки гени. Како што постои и на други места кои биле проколнати да имаат граѓанска војна и за тоа да плаќаат четириесет и повеќе години.

Ви гарантирам дека тоа се прашања кои ќе ги преиспитаме, па дури и оние кои велат дека имаат други сваќања за современата грчка историја. Се разбира тука е и европската вистина. Ќе го преиспитаме тоа. Приврзани сме кон луѓето кои живееле во мојата земја, па дури и кога велат дека мојата припадност е поинаква. Познавам доволно вакви лица, мислам дека треба да им простиме, тоа е нешто друго и тие чувствуваат дека тоа треба да го кажат.

Г-ѓо Пападимитриу, како гледате на перспективите во односите меѓу Македонија и Грција?

Во целост се согласувам со она што беше речено за време на Глигоров, кој обраќајќи им се на грчките граѓани им ја докажа историската и културната блискост на двете земји. Иако се чувствувам граѓанка на светот, не можам да го заборавам мојот престој во Скопје веднаш по војната во Грција. Баба ми не зборуваше грчки. Мислам дека Грците се исто толку блиски до нивните соседи на Балканот. Понекогаш многу поблиски од нашите соседи со кои ја сочинуваме „Старата Европа“. Европа беше изградена врз грчките идеали.

Балканот и Југо-источна Европа и нивните херојски историски страници не смеат да останат надвор од европското јадро. Ние заедно треба, да докажеме дека сонцето не заоѓа тука, соцето тука изгрева.