1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Треба да се фати возот кој е се‘ побрз

Силвера Падори25 октомври 2006

Интервју со македонскиот министер за одбрана, Лазар Еленовски, што го водеше Силвера Падори

https://p.dw.com/p/Ac2C
Фотографија: AP

Господине министре по средбата со германскиот колега Франц Јозеф Јунг најавивте дека Германија ќе ја поддржува Македонија воено и на патот кон ЕУ. Каква конкретна соработка претстои?

Еленовски: “Соработката со Сојузна Република Германија е исклучително плодна веќе неколку години. Ние имаме извонредна воена соработка на повеќе полиња и во таа насока зборувавме и за идната соработка. Министерот Јунг ја потенцираше поддршката на Германија за Македонија во сите процеси на евро-атлантската интеграција и секако поддршката на Германија во реформите – одбранбените реформи и се разбира и останатите реформи во државата и поддршката на Германија во мисиите кои што ги извршуваме заедно, пред се во мисијата ИСАФ во Авганистан. “

Во Берлин имавте и билатерални средби со колегите од Чешка и Полска. Дали од овие земји може да се очекува некаква конкретна соработка и поддршка?

Еленовски: “Со министрите договоривме да почнеме некаква поплодна соработка. Знаете дека и Чешка и Полска за нас се извонредно важни држави бидејќи се членки на НАТО и во таа насока пред се ја побаравме поддршката на самитот во Рига, а во иднина претстои детализирање на идните поспецифични начини на соработка. “

Дали тоа опфаќа, на пример, и обука на македонски кадри?

Еленовски: “Македонија, во рамки на одбранбените реформи, се наоѓа во третата фаза на трансформација на вооружените сили. Третата фаза треба да заврши кон крајот на 2007 година и со тоа ќе се финализира формациски поставеноста на армијата. Понатаму не чекаат два крупни процеси, имајќи предвид дека сакаме да направиме модерна армија. Во таа насока најбитен процес е тренингот и едукацијата на нашите војници. Ние ќе бараме од сите да излезат во пресрет во делот на обука на наши војници,а вториот дел кој што е исто така важен е опремата за македонската војска.“

Во Рига нема да стане збор за проширувањето на НАТО. Што очекувате од овој самит на алијансата?

Еленовски: “За нас конкретно очекуваме да биде признаен прогресот и за Македонија и за останатите држави од Јадранската група, а инаку очекувам НАТО да ја потврди својата линија на трансформација, да се прецизираат одредените процеси за во иднина уште поуспешно да се соочува со безбедносните ризици во светот. “

Имате ли најави дека некои од сегашните членки на НАТО цврсто ќе лобираат за Македонија?

Еленовски: “Мислам дека сите би лобирале на еден начин. Мислам дека прогресот и партнерството што го покажуваме со многу активности во Партнерството за мир и во рамките на Јадранската група и конкретно во сето тоа што се случува на релација Македонија-НАТО и негови земји членки, покажува дека тие не‘ прифаќаат како рамноправен партнер, а ние треба да ги доградиме реформите и натаму да се добие сосема поинаков квалитет, односно членство во НАТО. Во таа насока сите држави членки, имајќи предвид дека им е познат патот и процесот како се станува членка на НАТО, апсолутно не‘ поддржуваат. “

Спроведувањето на реформите во армијата е еден од условите за идното членство. Што е досега направено и што останува да се реализира?

Еленовски: “Во трансформацијата на вооружените сили се опфатени отприлика 80%. За оваа година и два-три месеци ни останува уште да ја завршиме трансформацијата, формациски. Натаму остануваат сите главни аспекти за тоа како се гради модерна, ефикасна армија. Македонија како мала држава има и мала армија, а со оглед на тоа што е мултиетничко општество, таква треба да биде и нејзината армија. Исклучително важен е процесот на едукација, на тренинг на нашите вооружени сили. Ние треба го довршиме доопремувањето, стандрадизација со НАТО-членките во вооружувањето, а исто така треба се завршат и сите други елементи кои недостигаат, како на пример завршувањето на логистичката реформа во рамки на армијата.“

Пред членството во НАТО – како треба да изгледа македонската армија?

Еленовски: “Како што тече трансформацијата на НАТО сите овие 15-тина години, така се подигаат и стандардите, така што стандардите за Македонија, Албанија и Хрватска ќе бидат апсолутно повисоки отколку за Бугарија и Романија. За да бидете членка на одредената организација, мора да го фатите возот, а возот оди се побргу. Во таа насока, предизвиците се големи, но големо е и чувството сето тоа да го стигнете. Во Македонија е завршена професионализацијата на армијата. Од октомври оваа година македонската армија е комплетно професионална. Многу земји членки на НАТО се далеку од постигнување целосна професионализација и мислам дека е тоа квалитет кој што натаму ќе придонесе за оформување на свеста дека станува збор за модерна армија. “

Рековте дека армијата е целосно професионализирана. Пред некој месец имаше протести на воените лица поради тоа што нема работни места. Како е решено ова прашање?

Еленовски: “Имаше повеќе видови протести. Имавме протести од последната генерација офицери и потпоручници кои што ја завршија воената академија и тука владата реагираше апсолутно брзо и квалитетно. Стануваше збор за 83 питомци од последната генерација и 15 од претходната генерација, кои што не беа вработени. Тоа беше една од првите одлуки на владата, имено да ги вработи сите на места со висока стручна подготовка. Се јави и друго прашање за потпоручниците кои што веќе прифатија да бидат судски полицајци или вработени по затворите со средна стручна подготовка, како решение на минатата влада. Ние токму поради тоа што решението беше лошо рековме дека со новата генерација ќе се обидеме да го решиме проблемот на поквалитетно ниво. Проблемот е што тие веќе не се воеи лица и имајќи предвид дека прифатиле определени обврски владата стои на позиција дека тие обврски треба и да ги исполнат. Работите треба да продолжат онака како што било договорени и како што страните ги преземале обврските.“

Македонија веќе учествува во мировните мисии на НАТО во Авганистан и во Босна и Херцеговина во рамки на европските сили. Какви задачи имаат војниците и дали се планира уште некое учество на македонските војници, на пример во Либан?

Еленовски: “Ние повеќе години учествуваме во операцијата “Слобода за Ирак“ со сојузниците, претежно Американците и Британците. Најголемото наше учество е во мисијата ИСАФ во Авганистан, каде имаме 115 војници – една чета во рамки на британскиот контингент, еден вод во рамки на германскиот и медицински тим во рамки на грчката полска болница. Најновата наша мисија е АЛТЕА, која што е водена од ЕУ, во соработка со НАТО, каде испративме хеликоптерски деташман со два хеликоптери и 17 лица. Имајќи предвид дека во Либан нашите сојузници ја водат мисијата, ние апсолутно во принцип сме позитивни, но конкретно немаме одлучено. Имајќи ги предвид декларираните сили на Република Македонија, какво било учество кое што треба да се договори со сите политички субјекти би било симболично.“

Една од обврските на Охридскиот мировен договор беше учеството на албанската националност во армијата. Каква е сега ситуацијата, бидејќи тој процент беше многу мал?

Еленовски: “За неполни 3-4 години процентот е навистина подигнат. Во армијата моментно постојат повеќе процеси и програми за рамноправна етничка застапеност, значи не зборуваме само за Албанците, туку и за останатите заедници. Ако пред четири години тој процент бил 5%, сега е веќе 21% со тенденција нормално да се развива. Како што реков, Македонија е мултиетничко општество и нејзината армија треба да биде исто таква.„

Колкава е армијата на Македонија?

Еленовски: “Оптималната бројка е дефинирана на осум илјади војници, со четирипол илјади војници резервен состав. Тоа треба да се постигне до зачленувањето во НАТО. По зачленувањето во алијансата, резервата драстично би се намалила и би изнесувала околу две илјади, но тој резервен состав би бил комплетно обучуван и месечно исплатуван со определени хонорари и едноставно ќе биде на повик на армијата во кој било момент. “