1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трет конкурс за средните училишта во Македонија

Сашко Димевски 2 април 2008

Министерството за образование ќе објави трет конкурс за запишување во средно училиште, откако првите два се поништени од министерот за образование Рушити. Причина- немало доволно паралелки на албански наставен јазик.

https://p.dw.com/p/DZ3E
Настава во училиштеФотографија: Bilderbox

12 од вкупно 21 член на Комисијата за изготвување на конкурсот за запишување во средните училишта поднесоа оставки, откако министерот Сулејман Рушити го поништи и вториот конкурс и самоиницијативно додаде 30 нови албански средношколски паралелки во Охрид, Битола, Прилеп и Велес. Опонентите тврдат дека за тоа ниту има доволно албански ученици, ниту има доволно просторни услови во училиштата во овие градови. Тие обвинуваат за самоволие и политиканство. Рушити е дециден дека како министер има право самиот да одлучува.

Одговорните лица во градовите не се согласуваат со плановите на министерот

Во третиот конкурс што допрва ќе се изготвува и објавува тој дури најави дека ќе има и повеќе паралелки на албански јазик во училиштата во Велес и Битола од вториот конкурс, како и на турскиот и српскиот наставен јазик. „Ценам дека е ова уште една мал притисок сакајќи веројатно било која од политичките партиите да искористат момент на слабост.“ вели градоначалникот на Битола Владимир Талевски

Началникот за образование во општина Прилеп Пеце Ристески пак истакнува „Во Прилеп не постојат реални услови и потреби за изведување на наставата, освен на мекедонски јазик.“

Рушити не отстапува

На ова министерот Рушити вели дека е згрозен од однесувањето на градоначалниците и наставниот кадар, кои не дозволуваат децата Албанчиња да се школуваат на својот мајчин јазик. „Жално е што во 2008 година, на два-три дена пред самитот на НАТО и една година пред интегрирање во Европа, се уште има некои луѓе кои не знаат дека во нивните општини има Албанци.“ вели Рушити.

Рушити призна дека се направени непотребни трошоци за предходните два конкурса, а парите планира да ги врати од сопствениот, но и од џебовите на сите членови на комисијата за објавување на конкурсот. Колку чинеше нивното објавување во медиумите - не кажа.

Нема услови за повеќе паралелки

Од друга страна, директорите на скопските средни училишта се децидни- нема услови за повеќе паралелки во училиштата. Тие инсистираат на квалитет на наставата, а не на квантитет на кадри.

„Имаме 34 простории и 66 паралелки Како ќе с еизведува таа настава? И не е проблем прва година, туку втора, трета, кога ќе имаат практилна настава, а ќе имаме проблем и со клиниките.“ вели директорот на средното медицинско училиште Марко Алабаковски

Игнат Доневски, директор на училиштетот АСУЦ пак истакнува „Во нашето училиште годинава побаравме да запишеме два паралелки помалку на македонски јазик и една на албански јазик. А, сега се случи да имаме две помалку на македонски, а два повеќе на албански јазик. И тоа не е проблем. За мене е битно бројот на паралелки да соодветствува на условите во училиштето.“

Дали станува збор за погрешни проценки и пресметки на бројот на учениците и потребата од средношколски паралелки или и овој пат се ќе се сведе на вулгарната политика врз грбот на децата, ќе се види уште при јунските уписи во средните училишта. Дотогаш останува простор за препукување и манипулирање.