1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тригодишнина од финансискиот колапс на Грција

Томас Борман / Александар Методијев23 април 2013

На 23.04.2010 Грција поднесе барање за финансиска помош до европските партнери. Оттогаш земјата доби кредити во милијарди евра. Истовремено земјата спроведе остар курс на штедење, што многу Грци ги однесе во очај.

https://p.dw.com/p/18L9P
Фотографија: AP

Протестите и штрајковите се и натаму на дневен ред. Минатиот викенд во Атина - пензионери низ улиците, некои и во инвалидски колички. Тие извикуваа во знак на протест, бидејќи сметаат дека владата постојано крати од пензиите. Во исто време владата бара нов данок на недвижности, дури и за секоја трошна куќа. Здравственото осигурување повеќе не ги плаќа сите лекови. 85-годишниот Аристидес Маникас е во очај.

„Имам внуци, имам правнуци, но веќе немам доволно пари ниту за да им купам слатки. Ова е засрамувачки! Сум преживеал многу диктатури, но ова сега е најлошото. Што друго уште ќе им се случи на нашите деца?“, револтирано прашува пензионерот Маникас.

Frau Almosen Griechenland Spende
Многу Грци се чувствуваат дека се доведени до питачки стапФотографија: picture alliance / dpa

Но, министерот за финансии Јоанис Стурнарас вели - ние мораме да штедиме. Државата повеќе не може да троши повеќе пари отколку што добива.

„Ова ќе биде најголемиот подарок за следните генерации - долговите се намалуваат, а со тоа во следните години ќе мораме да плаќаме помали камати за долговите“, објаснува Стурнарас.

Од долговите не се излага лесно

Колку е тешко да се излезе од долговите покажуваат најновите бројки на европската агенција за статистика. Иако грчката држава енормно ги намали своите трошоци, државниот дефицит и натаму е на десет проценти, затоа што Грција мора да троши многу пари за камати.

Значи, Грција мора и натаму да штеди. Владата сака во јавниот сектор да скрати 150.000 работни места и пред се’ да ги отпушти оние службеници за кои е забележано дека се корумпирани.

„Овде не се жртвува работната сила, односно луѓето, како што сметаат некои. Не. Ако ги отпуштиме вработените кои го имаат прекршено законот и вработиме млади и ефективни работници, тогаш државата ќе функционира подобро. Истото тоа го посакува и народот“, изјави грчкиот премиер Антонис Самарас.

Синдикалниот лидер Костас Цикритас протестира и вели - не, Самарас не води политика за овој народ.

„Вработените во јавниот сектор ќе бидат отпуштени - 150.000 места ќе се скратат. Ова се случува само за да се исполнат барањата на Тројката, а не за да се подобри јавниот сектор. Нема никаков план да се вработат нови луѓе, туку само за отпуштања кои се случуваат веднаш“, вели Цикритас.

Finanzkirse Griechenland
Протестите во Атина станаа секојдневиеФотографија: AP

Функционерите гледаат успеси

Но, министерот за финансии ги гледа првите успеси, бидејќи трошоците за платите во Грција паднаа и таа сега е поконкурентна во споредба со другите земји. Стурнарас ветува дека наскоро ќе дојде до раст.

„Има светло на крајот на тунелот. Оние кои предвидуваа катастрофа погрешија. Грција остана во еврозоната“, нагласува Јоанис Стурнарас.

Некои економски податоци се буквално подобри од пред три години. Но, невработеноста достигна рекордна стапка од 27 проценти. Исто така и безнадежноста останува широко распространета во Грција. Елени Кристу има 38 години и пред еден месец ја загуби работата во еден кол-центар. Што ќе се случи сега?

„Не очекувам ништо. Ќе биде полошо. А, кој е виновен за тоа? Ние самите! Тоа не е вина на Меркел или вина на кои било луѓе во странство. Не, ние самите себеси се ограбивме и не треба сега останатите луѓе да ги обвинуваме за тоа. Ние самите сме одговорни“, вели Елени Кристу.

Владата во Атина ветува - ние ќе го направиме тоа. Но, многу Грци ја загубиле довербата во таквите ветувања, бидејќи и по три години и милијарди кредити крајот на кризата не е на повидок.