1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три години по Арапската пролет, промените во Тунис само што почнаа

Лоај Мудхон / Александар Методијев19 декември 2013

Пред три години во Тунис Мохамед Буазизи изврши самозапалувања. Овој трагичен настан доведе до низа револуции во арапскиот свет. И покрај проблемите, Арапската пролет не пропадна.

https://p.dw.com/p/1AcSb
Фотографија: Reese Erlich

Нема сомнеж – страшното самозапалување на тунискиот трговец со зеленчук Мохамед Буазизи пред три години претставува почеток на нова ера, бидејќи тоа доведе до најголемото мобилизирање на народните маси во новата историја на авторитарните режими во Тунис и Египет.

Пред сѐ падот на режимот на Мубарак, кој се чинеше за стабилен, во најголемата арапска земја - Египет, ја поттикна надежта за сеопфатните демократски промени во арапските држави, кои со децении важеа за „отпорни на демократија“. Импресионирани од мирољубивоста и истрајноста на младото арапско движење, западните медиуми пребрзо го окарактеризираа со убава метафора - Арапска пролет.

Оттогаш се случија многу работи во арапскиот свет и многу работи станаа потешки. Во Тунис, земјата-мајка на востанието, процесот на транзиција стагнира од октомври 2012 година. Во Египет на контрареволуционерните сили на стариот режим им тргна од рака со помош на војската и дел од „секуларната“ опозиција да го соборат од власт првиот демократски избран претседател и тоа само една година од неговиот избор.

Тешки промени во „републиките на стравот“

Многу подраматично и со повеќе насилства поминаа промените во „републиките на стравот“ - Либија и Сирија, каде насилните режими брутално ги задушија мирните на почеток народни револуции. Тоа доведе до вооружување на опозицијата и до воена ескалација на судирот, а во Либија и до интервенција на НАТО, по што на крајот дојде до соборување на режимот на Гадафи. Во Сирија конфликтот доведе до индиректна војна меѓу Иран и Саудиска Арабија. Во моментов во таа земја владее разурнувачка пат-позиција меѓу режимот на Асад и неговите противници.

Deutsche Welle Kultur Hintergrund Qantara Loay Mudhoon
Лоај Мудхон, уредник во Дојче велеФотографија: DW

Дали затоа пропадна Арапската пролет? И, дали сонот за демократско арапско движење е сон за слободна и правна држава, за живот во достоинство три години по самозапалувањето на Мохамед Буазизи?

Се наоѓаме дури на почеток

На прв поглед се чини дека песимистите имаа право. Во ниту една арапска земја во транзиција не може да стане збор за демократизација. Одредени држави во транзиција дури се наоѓаат и на раб на колапс. Сепак, реалноста е комплексна и хетерогена. Конечната пресуда би била преуранета, бидејќи ние се наоѓаме дури на почетокот на радикалните промени, кои би можеле да траат со децении.

Без сомнеж ситуацијата е фрустрирачка и за арапските демократски активисти и за западните набљудувачи. Сепак, би било прерано да се вадат заклучоци од негативниот развој на случувањата во Тунис и Египет, и катастрофалниот развој во Сирија, дека демократскиот развој во арапските земји нема шанси. Бидејќи историското искуство не учи дека патот од диктатурата до демократија не само што е долг, туку ретко се одвива праволиниски.

Враќање на арапските граѓани како фактор на моќ

Три години по почетокот на востанието сепак постои повод и за оптимизам. Повеќе од 100 милиони Арапи живеат послободно отколку порано. Луѓето кои живеат меѓу Мароко и Ирак се ослободија од ригидниот и репресивен систем на страв. Дури и во богатата и конзервативна заливска монархија Катар е зголемен притисокот за реформи. Граѓаните, пред сѐ жените, гласно бараат свое учество во власта.

Настаните ја променија колективната свест на Арапите. Вербата во промени на мирен начин е сѐ присутна. Се доживува враќање на арапските граѓани како фактор на моќ. Поради таа промена на свеста и поради тоа што не се променија социјално-економските причини за востанието, револуцијата ќе трае уште неколку години.