1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три децении закон за соодлучување

30 август 2006

Германија денеска одбележува 30 години од донесувањето на Законот за соодлучување во претпријатијата. Бундестагот во 1976 година донесе одлука за воведување право на соодлучување и надвор од границите на рударството, каде инаку постоеше од 1951 година. Законот за соодлучување функционира до денеска, но поради новите прописи во ЕУ, постојано е предмет на дискусија.

https://p.dw.com/p/AeKz
Канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Сојузот на синдикати, Михаел Зомер
Канцеларката Ангела Меркел и претседателот на Сојузот на синдикати, Михаел ЗомерФотографија: AP

Германското право на соодлучување е навистина компликувано. Вработените имаат различни права на соодлучување во едно претпријатие. Доколку една фирма има пет или повеќе вработени , вработените имаат право на соодлучување во советот на претпријатието кога станува збор, на пример, за откази, премии или прекувремена работа. Во минатото, ваквото право на соодлучување, придонесло многу за социјален мир во претпријатијата, оценува Рајнхард Генер, раководител на Сојузот на германските здруженија на работодавачи: “Сметам дека соодлучувањето во Германија придонесе токму за структурен пресврт во процесот на реструктуирање во претпријатијата за да можат да се спроведат измените и приспособувањата. Затоа ние и сме за задржување на соодлучувањето во претпријатијата кога станува збор за условите за работа. Но, се работи за проблемот – како да го приспособиме нашиот систем на соодлучување во меѓународни рамки, за да не бидеме целосно изолирани.“

Навистина, ниту една друга земја во светот го нема преземено германскиот систем на соодлучување, а особено не соодлучувањето во претпријатија како акционерски друштва, друштва со ограничена одговорност или други типови на фирми. Таму работниците се во надзорните одбори кои го контролираат раководството на претпријатието. Кога едно претпријатие има до 2 илјади вработени, тогаш по правило во надзорните одбори седат една третина работници, а во некои поголеми фирми дури и половина од одборот го чинат работниците. Во овој случај, сепак, претседателот на надзорниот одбор, кој го поставува страната на капиталот, има двојно гласачко право, што значи работниците можат да бидат надгласани.

Во Германија, ваквото право на соодлучување важи во над 700 фирми, но стопанството постојано се жали дека таквото право чини многу пари, со него тешко се носат одлуки и е полно со гнили компромиси. Освен тоа, германскиот модел почна да се ниша и поради новите прописи во ЕУ. Според една одлука на Европскиот суд, кој сака на германска почва може да користи странска форма на правото за да го избегне правото на соодлучување. Во минатото веќе беше можно во прекуграничните фузионирања да се спречи соодлучување на работниците во контролните тела.

Синдикатите, во меѓувреме, не се генерално против модернизација на германското право на соодлучување, но стравуваат дека работодавачите можат да искористат прилика за дефинитивен удар.

Во 2005 година, формирана беше комисија за реформа на законот за соодлучување, во која мислењата меѓу претставниците на работниците и работодавачите се толку оддалечени едни од други, што многумина предвидуваат дека комисијата ќе се распушти. Германската канцеларка, Ангела Меркел, стравува дека е можно да се случи и тоа комисијата да даде толкав голем број предлози, што за ниту еден од нив нема да има согласност од сите. А, тогаш владата, ќе се најде пред компликувана задача. Меркел, денеска, на синдикалната манифестација по повод 30-те години од правото на соодлучување, рече: “И покрај сета критика, сакам да нагласам дека во Германија тешко дека има некој кој во основа го оспорува правото на самоодлучување во претпријатијата. Јас сметам дека тоа е добро и им припаѓам на оние кои тоа го сметаат за голема придобивка.“

Сепак, нагласува Меркел, законот мора да биде таков да биде соодветен и да опстои на конкуренцијата во европски и светски рамки, за да се спречи фузионираните претпријатија своите седишта наместо во Германија да ги бараат во други земји. Сојузот на синдикати е на став дека законот е успешен модел и бара негово надградување, на пример, како што рече претседателот на сојузот на синдикати, Михаел Зомер, законот да не важи само за претпријатија од две илјади вработени, туку да важи веќе за фирми со илјада вработени.