1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три ѕвезди за бездомниците

Б. Улрих-Фајт / Е.М.Фиданоска10 јули 2013

Хотелот „Моцарт„ во Брисел е оживотворена ориентална бајка, во која уживаат не само гостите, туку и бездомниците. Вратите на хотелот на господин Бен се отворени за сите!

https://p.dw.com/p/192Uj
Фотографија: hotel-mozart.de

Шолја кафе, парче леб - на Ромен М‘Пемблe не му треба повеќе за да се чувствува како човек, како еднаков меѓу еднаквите. Оти, Ромен е бездомник, човек на маргините на општеството. Без документи, без перспектива. Понекогаш веќе и обичен појадок може да значи многу.

„Неверојатна радост и огромна сатисфакција е да го почувствуваш благодетот од солидарноста на господин Бен“, вели Ромен.

Господин Бен, или само Бен, како што сите го нарекуваат Ахмед Бен Абдераман потекнува од Мароко. Пред 19 години го отвори хотелот „Моцарт“ во Брисел, оживотворена ориентална бајка. Хотел со три ѕвезди, шарен како и животната приказна на господин Бен.

„Хотелите не се секогаш полни. В зима, кога е студено, ги пуштам луѓето да влезат. Знаете, се поставувам во нивна положба и ми причинува радост кога ќе ме погледнат со благодарност.“

Бен ја отвора вратата за луѓето во нужда. Секој добива појадок, а често и соба, сеедно дали може да ја плати или не. Досега никој од гостите кои плаќаат не се пожалил, вели Бен. Напротив:

„Тоа е фантастично. Кога би имало повеќе луѓе како него...“, вели една гостинка, а друг додава:

„Тоа може само да радува. Во светот има толку многу мизерија.“

Секогаш иста песна - без дозвола за престој нема дозвола за работа, без работа нема дозвола за престој. Ромен работел со години во молерска фирма.

Но кога снемало работа, шефот морал да го отпушти и останал без работна дозвола. По половина година веќе не можел да ја плаќа станарината и завршил на улица.

Brüssel Hotel Mozart
Хотелот „Моцарт“ е оживотворена бајкаФотографија: hotel-mozart.de

Ромен не зборува многу за животот на улица, а и кога зборува речиси плашливо избегнува да зборува за себе. Раскажува само за другите, за животот на улица воопшто. На задниот влез од една црква во центарот на Брисел, спиел повеќе месеци. Опасен живот.

„Знаете, кога се седум-осуммина и пијани, може да се случи се‘! Споулавуваат, стануваат насилни, се‘ ги нервира. Воопшто не им е грижа за животот на луѓето кои спијат овде.“

Пред 7 месеци Ромен го сретна Бен. Оттогаш спие во хотелот. Покрив над главата, вистински кревет, чист туш - Ромен нема никогаш да го заборави тој момент:

„Овде е подобро отколку кај мене дома. Туш во собата и телевизор! Кога влегов и ја видов сликата на војникот, си помислив: ’Морам да го правам токму тоа - да не се предавам и да се борам!’“

Ромен тргнува вооружен со своите документи. Сака да разговара, ни помалку ни повеќе, туку со претседателката на белгискиот Сенат. Полицаецот на главниот влез не го брка, ами пријателски му објаснува како да стигне до влезот за посетители.

Можеби поради присуството на нашата камера, по извесно време навистина се појавува некој за да го ислуша Ромен и ветува дека ќе се погрижи за него. Огромно изненадување.

„Многу сум задоволен. Се сретнав со портпарол на претседателката на Сенатот. Тоа е чекор напред.“

Потоа Ромен, како и толкумина пред него, оди во хотелот Моцарт. Мора да чека на повик од Сенатот и да се надева дека животот конечно ќе му се подобри. Чекањето, вели, е најтешко.