1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трка по гласовите на мигрантите

Матијас фон Хелфелд / Жана Ацеска13 мај 2012

Врвни политичари деновиве крстосуваат низ џамиите и пазарите во Северна Рајна Вестфалија во потрага по мигранти. Два милиони мигранти имаат право на глас, можеби одлучувачки, на претстојните покраински избори.

https://p.dw.com/p/14sjr
Фотографија: DW

Во најбројната по население германска покраина Северна Рајна Вестфалија денеска (13.05.2012) се избира новиот покраински парламент. Досегашната црвено-зелена малцинска влада не доби доволно гласови при усвојувањето на буџетот, па така сега се одржуваат предвремени избори. Одлучувачки можат да бидат гласовите на избирачите со мигрантско потекло. Околу 4,1 милион жители на покраината потекнуваат од доселенички семејства. Околу половината од нив имаат право на глас, што е 15 проценти од вкупното население.

Црвено-зелените во предност

Според т.н. неделна анкета, за мигрантите со турско потекло, предност има Социјалдемократската партија. Мартина Зауер во студија на Центарот за турски студии и интеграција во Дуизбург во 2010-та година дојде до резултат дека во Северна Рајна Вестфалија 37 проценти од граѓаните со турско потекло би гласале за СПД, 20 проценти за Зелените, а само 4 проценти за Христијанско-демократската унија и помалку од еден насто за Либералите.

Овие јасни преферирања за Тајфун Келтек, претседател на Советот за интеграција во Северна Рајна Вестфалија, се сосем логични:

„Во партиските програми на овие две партии е содржан голем дел од барањата на населението со турски корени“.

Келтек потсетува дека СПД и Зелените се залагаат за двојно државјанство и за комунално изборно право на Турците.

Migranten bei der NRW-Wahl 2012
Фотографија: DW

„За Турците, кои овде живеат веќе 50 години, досега тоа не беше можно“, вели Келтек, кој е активен во СПД. Овие две партии поентираат и на друго политичко поле кај турските мигранти-тие се понаклонети кон прием на Турција во ЕУ отколку ЦДУ или Либералите, кои пак се против тоа.

Различни преферирања

Преферирањето на политичките партии кај турските мигранти е тема на анализи од пред десет години. Во Северна Рајна Вестфалија се забележува јасен тренд за црвено-зелениот табор. Наклонетоста кон СПД варира од 40 до 50 проценти, додека за Зелените бележи силни осцилации, меѓу еден и 20 насто, додека за Левицата е во постојан лесен пораст, моментно 8 проценти.

Сосем поинакви се бројките кај емигрантите. Тие се припадници на германското малцинство чии семејства делумно со генерации живееле во источна, средна или југоисточна Европа и во Азија. Со доаѓањето тие ги добија сите граѓански права, меѓу кои и изборното. Според истражување од 2007-ма година, тие се наклонети кон конзервативно-граѓанскиот табор.

Додека многу иселеници својата нова татковина често ја гледаат како цел на своите долгогодишни напори, многу турски мигранти во Германија не се чувствуваат како рамноправни членови на општеството. За Тајфун Келтек тоа е голем предизвик за германската политика. Можеби токму тоа е причината што околу една петтина од оваа категорија граѓани не оди на избори. Освен тоа, при изборот на кандидати за покраинските избори не се води доволно сметка за турските мигранти.

Нужни се огради

Резултатот од студијата на Марија Зауер меѓутоа не треба да ги заслепи партиите во лажна сигурност или да ги втурне во резигнација. Изјавите при истражувањата често не се совпаѓаат со конкретните изборни одлуки. Последните вакви испитувања беа правени непосредно по покраинските избори во 2010-та година. Тогаш никој не можеше да знае дека две години подоцна ќе бидат неопходни нови избори. Од таа причина, каков ќе биде изборот на мигрантите со право на глас во Северна Рајна Вестфалија, останува целосно отворено прашање.