1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Konjunktur D BIP

17 јануари 2010

Германското стопанство, според официјалните податоци од Сојузниот завод за статистика, во 2009 година доживеа пад од пет проценти, најголем во историјата на Сојузната Република. Рецесијата помина, но кризата се’ уште не.

https://p.dw.com/p/LV4p

Може да се спори околу тоа, што е подобро - американскиот модел, каде основен столб на стопанскиот пораст е приватната потрошувачка на презадолжените граѓани, или германскиот модел со потпирање врз извозот. Можеби би била подобра варијанта која би го опфатила најдоброто од обата модела. А пораст е се’ уште можен, како што покажува примерот на Кина. Но тоа, пак, е друг модел, кој се базира врз гигантско јато евтина работна сила и незадржливо енормно искористување на ресурсите. Стапките на пораст, што ги постигнува Кина дури и во време на криза, беа своевремено забележани и во Германија - во педесеттите години на минатиот век, за време на таканареченото „германско стопанско чудо“.

Чудо сега е дека на пазарот на работна сила одвај се чувствуваат последици од драматичната криза. Вработени се преку 40 милиони луѓе, што е на ниво на 2008, година на бум на пазарот на работна сила. Катастрофата ја спречија мерки како работа со скратено време, намалување на прекувремената работа и други мерки кои произлегуваат од тарифните договори меѓу синдикатите и работодавачите.

Kommentarbild Henrik Böhme Bonn Deutsch
Хенрик Беме

Но, катастрофа од поодамна се навестува на друго место: паричната помош, која беше неопходна за да се спречи кризата да испадне уште потешка, предизвика скоковит пораст на и онака високиот државен долг. Германија лани повторно ја пречекори горната граница на задолжување од три проценти од домашниот годишен бруто производ, утврдена со Пактот за стабилност на еврото.

Да се штеди, но кога и како?

Политиката мора да штеди, но е исправена пред дилема: ако со тоа почне прерано, ќе го попречи кревкиот стопански пораст; ако почне предоцна, засекот ќе мора да биде дотолку подлабок. Работата веројатно сепак ќе се сведе на второто, оти статистичарите во средата соопштија и дека во последниот квартал од ланската година запре порастот на германското стопанство. Острата зима веројатно ќе се погрижи застојот да продолжи и во почетокот на новата година.

Така станува јасно: патот за излез од длабокиот дол ќе биде долг и трнлив. Долго ќе потрае додека германското стопанство повторно да го достигне нивото од 2006, годината на стопанскиот бум.

Коментар: Хенрик Беме

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска