1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Троен самит Франција-Германија-Русија

Тони Гламчевски23 септември 2006

Неформалната трилатерална средба меѓу Меркел, Путин и Ширак, како и што се очекуваше главно беше посветен на горливите меѓународни прашања и економската соработка.

https://p.dw.com/p/Ac2z
Путин, Меркел и Ширак
Путин, Меркел и ШиракФотографија: Fotomontage/DW

Француско-Руско-Германскиот самит, не е насочен против никој и посебно не против САД, нагласија францускиот претседател Жак Ширак и германската канцеларка Ангела Меркел.

„Затоа пак, тој претставува силен сигнал кон Европската унија која сака да се развие во својот контекст и да се проширува, и очекува да има одлични односи со Русија. Тоа не е насочено против никој.“, рече Ширак.

„Тоа е евидентно“ додаде Меркел, “Како што реков, овие средби постојат од 1998 и тие не се насочени против никој, ова се корисни и конструктивни средби“.

На самитот во Компиењ, тројцата државници потврдија дека трите земји имаат „заедничка определба“ да учествуваат и „тесно да соработуваат“ во мировните процеси, секаде каде што тоа е потребно во светот.

„Во оваа област ние го разгледавме прашањето на Косово, каде ја подржуваме акцијата која ја предводи претседателот Ахтисари за изнаоѓање на едно решение преку преговори“, нагласи Ширак.

Разгледани беа и така наречените „замрзнати конфликти“ во Молдавија и на Кавказот околу кои Европската унија и Русија треба заеднички да ги спрегнат напорите во службата на мирот.

Околу Либан и Блискиот Исток беше изразена надеж дека ќе биде постигнат напредок кон мирот, што бара враќање на авторитетот на либанската држава на целата територија и избегнување на нова драма за Палестинците. Владимир Путин тука најави дека Русија ќе испрати свои војници во Либан, но не во рамките на Унифил.

Не беше заборавено и најжешкото прашање - Иран. Париз, Берлин и Москва се надеваат на изнаоѓање на решение преку дијалог.

„Јас сум релативно оптимист за дискусиите кои се водат меѓу шестемината и Иран.“ Не сакајќи да каже дали има краен рок за постигнување договор, според Ширак договорот се очекува што е можно побрзо.

Ширак одби да ја потврди веста објавена во еден француски весник, кој се повикува на информации на француските тајни служби за наводната смрт на Осама Бен Ланден.

Рускиот претседател ги осигура Париз и Берлин дека Русија ќе ги исполни своите обврски за снабдувањето со енергија. Резервите од 25 до 45 милијарди м³ природен гас во областа Штокман, гарантираат снабдување за следните 50 до 70 години, со што ќе се создаде стабилна ситуација во енергетската област во Европа и посебно во Германија.

Но затоа пак „Русија е заинтерсирана за силни врски во обаста на најсовермената технологија, авио и вселенската индустрија и т.н.“, рече Владимир Путин

Жак Ширак, исто како и рускиот претседател Владимир Путин и изразија сочувство на германската канцеларка Ангела Меркел за загинатите во железничката несреќа во Германија.