1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројката бара „појаснувања“ од Грција

СН/ЕМФ/афп/дпа/миа2 октомври 2012

Експертите на Tројката бараат од грчките власти уште појаснувања околу планираните реформи. Средбите на претставниците на ЕК, ЕЦБ и ММФ со грчкиот министер за финансии и премиерот завршиле без конкретни резултати.

https://p.dw.com/p/16IVw

Официјално се вели дека преговорите продолжуваат. Според информациите на грчката новинска агенција АНА, Тројката отфрлила некои од планираните мерки за штедење во обем од околу две милијарди евра. Грчката влада во рамките на битката за санација на буџетот, планира само во наредната година да заштеди 7,8 милијарди евра. Ова би било повеќе од половина од оние 13,5 милијарди евра кои Атина, под притисок на ЕУ и на ММФ, треба да ги заштеди во наредните две години.

Грчките медиуми јавуваат дека премиерот Андонис Самарас е загрижен за несогласувањата меѓу Германија и Меѓународниот монетарен фонд во врска со проблемот на грчкиот долг. Неговата цел е оваа седмица да ги заврши преговорите со меѓународната Тројката, што ќе му овозможи на министерот за финансии Јанис Стурнарас да го претстави договорот на состанокот на Еврогрупата следниот понеделник (08.10) во надеж дека одлуката за доделување на следната транша од 31,5 милијарди евра помош може да биде донесена на самитот на лидерите на ЕУ закажан за 18 октомври.

SYMBOL Ein Mann schwenkt am Syntagma Platz in Athen die griechische Flagge
Темните облаци над Грција не се тргаатФотографија: AP

Фактот што неколку прашања остануваат отворени во преговорите со Тројката, вклучувајќи ја и суспензијата на 15.000 државни службеници, на што двајцата помали партнери во коалицијата жестоко се противат, сугерира дека е малку веројатно во наредните неколку дена да се постигне договор, со што ќе се уназади целиот процес.