1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тројката“ се врати во Атина

БГ/миа/афп5 април 2013

Претставниците на меѓународните кредитори повторно го „чешлаат“ сработеното во Атина. Следната транша од помошта зависи од отпуштањата во државните служби.

https://p.dw.com/p/18AIg
Фотографија: Reuters

Грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарас (на фотографијата) синоќа во Атина се сретна со претставниците на тројката меѓународни кредитори (ЕУ,ММФ,ЕЦБ) кои вчера се вратија во Грција. На состанокот е разговарано за дополнителниот данок на имот, за намалувањето на бројот на државни службеници и други реформи кои Грција треба да ги спроведе во согласност со договорот со „тројката“. Портпаролот на Министерството за финансии изјави дека било разговарано за сите отворени прашања и оти нема официјална реакција од меѓународните претставници. Не е познато кога ќе се одржи следниот состанок.

„Сите прашања се на маса, изјави кусо по средбата Стурнарас и информира дека дискусии ќе се водат секој ден. За време на средбата со „тројката“, пред Министерството за финансии имаше дваесетина демонстранти кои меѓународните претставници ги испратија извикувајќи „вие сте убијци“. Според високи владини извори, целта на грчката Влада е да ги реши сите отворени прашања пред следниот самит на министрите за финансии на еврозоната закажан за 12 април, на кој треба да се донесе одлука за доделување на следната транша од помошта за Грција.

На Грција и потребен позитивен извештај од тројката за да ја добие следната транша од помошта во вредност од 2,8 милијарди евра, чија исплата беше одложена во март. Месецов земјата требаше да ја добие следната рата од 6 милијарди евра, но таа е одложена за следниот месец.

Според договорот со кредиторите, Грција треба да го намали бројот на државни службеници за 25 илјади годинава, и за 150 илјади до крајот на 2015 година.

Премиерот Андонис Самарас вчера изјави дека целта на неговата влада е 2013. да биде последната година на рецесија во земјата.