Тројца повредени во престрелки во северно Косово
1 јуни 2012Информациите околу тоа што точно се случува во северно Косово засега се противречни. КФОР соопшти дека е почнато со отстранување на барикадите, дека состојбата е под контрола и дека нема инциденти. Српските медиуми јавуваат за најмалку тројца ранети во судирите, во кои меѓународните трупи користеле боева муниција и солзавец, а Србите фрлале со камења. Тие јавуваат дека од областа се слушаат истрели од огнено оружје.
Во локалните српски општини се слушаат сирени кои ги повикуваат граѓаните на барикадите. Сите патишта што водат од Звечани кон селото Рудари и кон барикадите во местото Дудин Крш на северот од Косово се блокирани. Во болницата во Косовска Митровица се згрижени три лица, јави агенцијата Бета.
КФОР постави блокади со бодликава жица на мостот на Ибар што води од Звечани кон Рударе, со што е спречено движењето на автомобили и пешаци.
Последните случувања на Косово се дел од акцијата на КФОР на отстранување на блокадите во северниот дел од земјата поставени од локалното српско население.
Целта на операцијата, како што информира КФОР, е овозможување на слободно движење за сите граѓани.