1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тројца Французи на падините на Пелистер

17 јануари 2010

Силвио Ежеа е меѓу ретките млади кој ги освојува планинските масиви спортувајќи „Ски трип“ или „Ски фрирајд“. Во потрагата на нови хоризонти, него и неговите другари патот го однесе во Македонија.

https://p.dw.com/p/LWPy
Во потрага по атрактивни ски-патеки, група Французи ја „пронајдоа“ МакедонијаФотографија: AP

Цртежот е составен дел од животот на дваесет и петгодишниот Силвио Ежеа. Професионално, црта за авионската и вселенската индустрија. Приватно, со своите скии црта во снегот, по можност во недостапните висови на планините.

Силвио Ежеа е еден од ретките млади кои се осмелува да се спушта по стрмнините не само на родните Пиренеи – природната граница меѓу Франција и Шпанија, туку и на други места во Европа и светот.

Заедно со другарите има оставено траги на многу планини, како на пример Ушуаја или Лос Молес во Аргентина, или пак кратерите на вулканите Антуко и Осорно во Чиле. Ако трагите во снегот не се вечни, незаборавните мигови од повеќечасовното искачување на врвовите и брзото спуштање на скиите се овековечени на фотографиите и видео записите. Некои од неговите филмови снимени за време на овие „експедиции“ се наградувани, како последниот „Пиренеистма“.

Skifahren in Republik Mazedonien
На ПелистерФотографија: Sylvio Egea

Скијачката вештина „Ски трип“ или „Ски фрирајд“, обично е за искусни скијачи на возраст од над триесет години. Силвио е меѓу ретките кои има толку големо искуство, а е под таа возраст. „Се работи за скијање, кое е многу поблиско до природата. Можеме да одиме таму каде што сакаме, без никакви ограничувања. При изборот на планината воопшто не гледаме дали има ски-лифт или жичарница, одиме таму каде што сакаме. Ние сме вљубеници во природата.“

На прашањето дали оваа скијачка вештина е поопасна од другите, на уредените скијачки патеки, Силвио е категоричен. „Не. Потребно е да се знае да се проценат ризиците и да се избере вистинското место во вистинското време и не треба да се прави што било. Опасно е ако не внимаваме, но секогаш постојат ризици.“

Патување во Македонија

Скијањето за него и за неговите другари е поттик за патување и откривање на нови земји и начинот на живеење во овие земји. По Шпанија, Аргентина, Чиле, Мароко, Турција и Грција, Силвио и неговите другари Фабијан и Матјо поминаа десет дена во Македонија.

Како се одлучија за Македонија, која како туристичка дестинација скоро е непостоечка во Франција, посебно не за зимски туризам, тој ни раскажува: „Всушност, пред две-три години бев на планината Олимп во Грција, тоа не е далеку, само на двеста километри. Таму зборувавме за околните планински масиви и луѓето ни зборуваа за планините во Македонија. Потоа, се запознав малку повеќе преку интернет и така најдов неколку фотографии од регионот на Битола. Убавината на планините, кои навистина ми изгледаа прекрасни на фотографиите, заедно со двете убави езера Охридското и Преспанското, ме мотивираа да заминеме таму за да скијаме.“

Недопрената природа е нов предизвик

Sar Planina, Mazedonien
Планините во Македонија - природни богатстваФотографија: picture-alliance/ dpa

Убавите впечатоци од фотографиите најдени на интернет, тројцата млади Французи ги потврдија на лице место. Единственото разочарување беше недостигот на снегот, кој се стопи со нивното пристигнување на Пелистер. „Престојот ни остави добар впечаток. Планините навистина се лесно достапни, во споредба со другите каде се потребни неколку денови за да се освојат. Во Македонија патот води доволно високо, а тука е и невообичаениот пејсаж. Треба да се знае дека не скијаме секогаш над долини и езера.“

На Силвио најмногу му се допаднало тоа што природата е недопрена. Иако мисли дека поинтезнивната експлоатација на планината, со изградба на нови жичарници и зимски центри сигурно дека ќе донесе повеќе пари, но тоа без сомневање ќе ја обезличи планината.

Раздвиженоста на Широк сокак - имресивна за младите гости

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien
БитолаФотографија: Petar Stojanovski

Близината на Битола им дозволи на тројцата млади Французи да се запознаат до некаде и со начинот на живеењето на нивните врсници во Македонија.„Има големи разлики во споредба со кај нас. Најпрво бевме изненадени од бројноста на луѓето на улица, па и кога не се славеше Нова година имаше многу млади надвор. Тоа го немаме кај нас. Во нашите градови со иста големина, центарот на градот е празен. Таму, секоја вечер беше раздвижено. Бевме импресионирани, посебно од симпатичниот амбиент и од однесувањето на луѓето, животот во Битола, рестораните и вкусната храна.“ Силвио Ежеа признава дека разбирањето со нивните врсници не беше лесно, бидејќи тие не го зборуваат македонскиот јазик. „Но со нашите неколку зборови на англиски успеавме да комуницираме со младите во рестораните, на улица и во кафулињата. Навистина тоа беше симпатично.“

Така тројцата Французи ја дочекаа 2010 година заедно со битолчани, славејќи на улица, откривајќи ја популарната македонска музичка група „Некст Тајм“. „Ние не ги познававме, но наеднаш сфативме дека таму тие се познати и дека тие имаат многу фанови, по што и ние им се приклучивме.“

Првите спомени и фотографии од престојот во Македонија, Силвио Ежеа и неговите другари Фабијан и Матјо веќе ги ставија на нивните интернет страници за да ги споделат со пријателите кои останаа во Франција.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска