1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трпе и Ѓурѓа и нивните 11 деца

24 јули 2010

Весел детски џагор може да има и во скромни услови за живот, како кај семејството Апостоловски од Старо село, тетовско, во кое на софрата седнуваат 11 деца.

https://p.dw.com/p/OTfm
Тринаесетчленото семејство АпостоловскиФотографија: DW

Гласчињата и плачот на Петар и Павле се слушаат во нивниот дом, на овие братчиња - близначиња и најнови принови во семејството на Трпе и Ѓурѓа Апостоловски од Старо Село, Тетовско, село на 25 километри од Тетово, кое се наоѓа во близина на границата со Косово. Од пред 24 денови оваа заедница брои 11 членови. Несомнено, тоа ги става во врвот на семејствата - демографски рекордери во Македонија.

Во земјата во 2009 - та година се родија околу 23 илјади и 700 деца, што претставува пораст на наталитетот за 3,2 отсто во однос на 2008 - та година, соопшти државниот Завод за статитика во јуни годинава. Со тоа барем засега е сопрен негативниот тренд на пораст на населението од 1998 до 2008година, кој изнесувал само 1,8 отсто. Во овој контекст, Старо Село со децении било, па и сега претставува вистинска оаза на високиот наталитет, бидејќи таму порано имало, а и сега има повеќе многудетни семејства со 4, 5, 6, а понекогаш и уште повеќе деца.

Mazedonien Familie Apostolovski
Панорама на Старо Село, место со неколку повеќебројни семејстваФотографија: DW

Ако е навистина се потешко за брачните двојки во Македонија да одгледуваат две – три деца во денешните услови за егзистенција, тогаш прашање е: како живеат 41 годишниот Трпе, работник во една локална фабрика за градежни елементи, неговата 34 годишна невработена сопруга Ѓурѓа и нивните 11 деца?


Со едвај 200 евра месечно за 13 усти !

Трпе првин укажува на возраста на својата челад: „ Најголемото има 15 и пол години, а најмаливе имаат по 23 дена – близнациве. Имаме 7 ќерки: Бети, Верица, Славица, Маја, Ивана, Магдалена и Дијана, како и 4 синови: Цветко, Славиша и сега Петар и Павле.“

Двајцата сопружници ги запрашавме: како се справуваат со детските потреби? Ѓурѓа одговара: „Многу е тешко: треба да ги храниш, да ги воспитуваш, да го облекуваш ... А мали се. Не може да се постигне.“

g.jpg
Мајката Ѓурѓа Апостоловска, таткото Трпе Апостоловски и едно од двете новородени близначињаФотографија: DW

Трпе се надоврзува: „Сега е малку потешко, но, се врши работата. Лека – полека ја „туркаме“ работата.“

Нивниот единствен имот се 6 - те кози, дотраената куќарка на еден кат, која овие денови им ја реновира еден хуман скопјанец, како и едно тракторче. Трпе посочува колкава е неговата плата: „Заработувам 8 илјади и 500, до 9 илјади денари. Понекогаш ќе ми помогнат одделни хумани и добри луѓе, ама јас не чекам на тоа и одам да работам ваму – таму, да извадам за храна, да опстанеме.“

„Бејби – бум“ политиката на Владата не помогна

Брачната двојка не видоа никаква корист од „бејби - бум“ политиката на Никола Груевски и на Владата, ниту претходно од државните социјални институции. Трпе посочува: - „Добивам само детски додаток само за 3 деца: за секое по 600 денари, односно вкупно 1800 денари. Ги добиваме уште само бесплатните учебници за децата, кои одат во училиште. Кога имавме 5 деца, еднаш од надлежната институција побарав помош, но, ме одбија со образложение дека тие давале такво нешто само за оние, кои примале тогаш плата до 6 илјади денари, а оти јас сум имал поголем приход.“

Ѓурѓа дополнува: „Немаме користено ништо друго од ’Социјалното’. Не даваат“.

Дојче веле ги праша сопружниците Апостоловски и уште нешто: дали Петар и Павле се крајот на нивните желби за уште деца и за проширување на семејството? Трпе истакнува: „ Ѓурѓа вели : ’Не, доста е веќе. Не може да се одгледуваат повеќе. Да се живи и здрави и овие 11’“

Трпе се надоврзува: „Доста е веќе.“

Mazedonien Familie Apostolovski
Трпе и Ѓурѓа имаат седум ќерки и четири синовиФотографија: DW

Тој завршува со својата едноставна животна филозофија: „Јас сум задоволен и среќен. Немаме проблеми. Се гордеам со децата. Ќе ја ’туркаме’ работата како што може и колку што може, за да се одгледаат децава. Потоа, секое со своја среќа.“

Заминавме од нивниот дом, испратени од веселиот џагор на децата, на кои, сигурно, им недостасуваат многу нешта: чевли, облека, храна, поширока и попристојна куќа. Животната приказна на Апостоловски некој ќе рече дека е, можеби, пример за потребата за планирања на бројноста на семејството, а ние би додале: сигурно, и за многу поштедрата и навремена помош од страна на државата. Што го нема.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски