1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трупите на Гадафи стигнаа до Мисрата

18 април 2011

По повеќедневните жестоки борби трупите на либискиот диктатор Моамер Гадафи стигнаа до центарот на Мисрата, единствениот град во западниот дел на оваа североафриканска земја, кој е под контрола на бунтовниците.

https://p.dw.com/p/10vW0
Градот Мисрата е уште под контрола на бунтовницитеФотографија: picture alliance / dpa

Во крајбрежниот град, со недели опколен од трупите на Гадафи, се водат жестоки битки. Портпарол на бунтовниците изјави дека во нападите се убиени 17 лица, а стотина се ранети, повеќето од нив цивили.

Напади со касетни бомби

Libyen Streubomben Munition
Во нападите во Мисрата Гадафи употребува касетни бомбиФотографија: AP/Human Rights Watch

Активистите за човекови права викендов (16./17.04.) го обвинија Гадафи дека во борбите против бунтовниците во Мисрата ги употребил озлогласените касетни бомби. Лекар во Мисрата, за арапскиот телевизиски канал Ал Џазира, вчера (17.04.) соопшти дека има лица со повреди од касетни бомби:

„Да, јас и моите колеги сме сведоци дека има ранети од касетни бомби, дури и еден камерман од француска телевизија беше жртва на ова оружје. Повеќето жртви на касетната муниција, кои пристигаат кај нас, се деца. Тие имаат повреди на градите, стомакот и очите.“

Владата на Либија ја негира употребата на касетни бомби, кои се забранети во меѓународни рамки. Владиниот портпарол Муса Ибрахим вчера во Триполи повторно ги отфрли обвинувањата на сметка на трупите на Гадафи:

Darfur Gipfel in Libyen Muammar Gadaffi
Гадафи не сака доброволно да ја напушти ЛибијаФотографија: AP

„Шокирани сме од овие организации, кои не одговараат позитивно на нашите повици да дојдат во Триполи, да отворат канцеларии и да известуваат директно од Мисрата. Наместо тоа, тие телефонски добиваат информации од бунтовниците и ги третираат како факти. Ние сме шокирани од ваквата дезинформираност.“

Либиските бунтовници вчера продолжија со борбите за освојување на Брега, стратешки важен град за извозот на нафта. Веќе неколку дена се водат жестоки борби за поврзницата помеѓу Аџдабија и уште позападно поставениот град Брега. Упориште на бунтовниците очигледно е Аџдабија.

САД бараат земја за азил за Гадафи

Во меѓувреме, САД очигледно интензивно бараат земја, која би му дала азил на Моамер Гадафи, објави деновиве весникот „Њујорк Тајмс“. Притоа нивниот фокус е врз земјите во Африка. „Самите Либијци се одговорни за смена на режимот, не ние“, цитира весникот висок американски функционер. „Ние само се обидуваме да организираме мирен излез, доколку постои можност.“

Гадафи не сака доброволно да ја напушти Либија. Поради кривичното гонење од Меѓународниот трибунал во Хаг, се вели понатаму во весникот, мора да се најде земја за азил, која не е потписничка на договорот за основање на Хашкиот трибунал, односно која не е обврзана да ги екстрадира осомничените. Околу половината од 53 африкански земји го исполнуваат овој услов, а со повеќето од нив Гадафи се` уште одржува добри односи.

Автор: ЈМЈ/ТТ/дв, ројтерс, дпа

Редактор: Горан Чутаноски