1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трупите на Мали и на Франција ги контролираат приодите до Тимбукту

СН/АТ/дпа/афп28 јануари 2013

По освојувањето на упориштето на исламистите Гао во северен Мали, француските и малиските трупи се пробија непосредно до историскиот пустински град Тимбукту.

https://p.dw.com/p/17Sb1
Фотографија: Fred Dufour/AFP/Getty Images

Аеродромот на Тимбукту и приодите до овој важен град во Мали се под контрола на трупите на Мали и на Франција по копнената и воздушна офанзива во текот на ноќта, соопшти главиот штаб на француските воени сили во Париз.

Според соопштението на француското министерство за одбрана, напредувањето на копнените трупи на Франција и на Мали до градот Тимбукту било поддржано од летала на француското воено воздухопловство. Министерство за одбрана потврди дека француските војници во Мали во последните 36 часа извеле дваесетина воздушни напади во регионите Гао и Тимбукту, на север на земјата.

Трупите на двете земји се распоредени пред Тимбукту и го контролираат регионот, изјави пак портпарол на француската армија. Тој ги демантираше извештаите за бомбардирање на куќата на командантот на исламската група Ансар Дине, Ијад Аг Гали во местото Кидал на границата меѓу Мали и Алжир. Според него во Кидал немало никакви напади. На самитот на Африканската унија во етиопискиот главен град Адис Абеба присутните шефови на држави или на влади го поздравија воениот ангажман на Франција во Мали. Премиерот на Етиопија Хајлемариам Десалењ ги повика земјите кои ветиле учество во воената мисија на АУ во Мали - Асифма, под итно да испратат трупи во земјата.