1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трeтата генерација иселеници се асимилира

22 јули 2010

Првата иселеничка конференција, организирана во Скопје, собра 40-тина претставници на Македонците низ светот. Третата генерација иселеници се асимилира се‘ повеќе во новите татковини.

https://p.dw.com/p/ORMQ
Прва конференција на иселеницитеФотографија: MIA

Колку жители во матичната држава, толку Македонци во емиграција. Овој децениски слоган се‘ уште нема официјална статистичка потврда со попис на иселеништвото во Европа и прекуокеанските земји. Но, еден факт од годинава е достапен за анализа - издадени се над 400 илјади македонски државјанства повеќе од бројот на населението што живее во Македонија - 2 милиони и 70 илјади.

Првата иселеничка конференција организирана во Скопје собра 40-тина претставници, главно на Македонците низ светот. Нивните искази говорат дека во поодмината фаза е доброволната асимилација, особено кај третата генерација иселеници во новите татковини. Нивните деца се‘ помалку го изучуваат мајчиниот јазик, дури и кога дополнителната, или факултативната настава, е бесплатна. Во Хрватска одвај трисетина деца ги посетуваат часовите по македонски јазик, а жените Македонки, омажени за Хрвати, главно се декларираат како Хрватки, изјави во Скопје Анастас Оџаклиевски. Тој, сепак, укажува на напорот на македонската колонија во оваа екс-југословенска република...

„Македонските народни приказни кои се екранизирани како проект на МРТВ им се доделени за ЦД-изданија кои ќе им бидат бесплатно поделени на сите македонски или мешани семејства, за да може децата, па и возрасните, да го негуваат македонскиот јазик“, вели Оџаклиевски.

Но, забележливи се и напорите на дијаспората да ги одржува националните конекции со македонската историја, култура и лингвистика. Тоа особено се изразува низ именувањето на православните храмови и манастири со имињата на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, или Наум и Климент, вели истражувачот од Македонскиот институт за историја, Силвана Сидоровска-Чупоска. Според нејзе, во Канада 10 црковни општини носат имиња на македонските просветители, во САД така е во 20 места, додека во Австралија речиси половината од црковните јадра и манастирите се именувани со нивни имиња. Така се насловени и клубови или културни општини во Гетеборг, Копенхаген, Љубљана, Берлин и Штутгард, истакнува Сидоровска:

„Во тие македонски храмови слободно се слуша мајчиниот збор. Освен духовни средишта тие се‘ повеќе се просветителски средишта каде се организира изучувањето на македонскиот јазик“, вели Сидоровска од Институот за национална историја.

Некои поими како гостопримство - се загубиле

Мендо Трајчевски е 45 години во Австралија, земја во која се иселиле и цели села од битолско, охридско и каде дијаспората е најконцентрирана по бројот на доселеници, но и местата на стационирање,

Erste Konferenz der mazedonischen Aussiedler in Skopje
Недостигааат медиумските емисии на македонски јазик за иселениците, речено на конференцијатаФотографија: MIA

Не го напушта амбицијата да се сочуваат традицијата, обичаите од родните краишта, иако вели дека на континентот се изгубиле поимите на соседство и гостопримство.

Во одржувањето на традиционалноста најголема улога имаа сопругите кои дојдоа кај своите мажи кон крајот на триесетите години, со првата генерација исленици.

„Кога жените пристигнаа во Австралија, тие ги донесоа вредностите од родниот крај, обичаите и културата, а токму тие, како домаќинки придонесоа на втората генерација да им го предадат македонскиот јазик или некој од дијалектите“, вели Трајчевски кој во Волонгонг води центар за негување на македонските традиции.

Треба да се одржи живоста на говорот

Според него, и други учесници на првата конференција на иселениците во Скопје, недостигааат медиумските емисии на македонски иако се‘ почесто, преку сателит, ги следат сите национални ТВ-канали од родната земја. Тоа ја одржува живоста на говорот. Но, еден од помладата генерација гастарбајтери иницира современа електронска настава по македонски јазик, заштo, како што вели Митко Јованов, тоа е новиот израз на младата популација.

Вилета Шиндол од Агенцијата за иселеници им сугерираше во организацијата на културните настапи на ансамбли, сликари, актери, пеачи, што повеќе да се достапни и до странците.

„Само на тој начин ќе може да ја запознааат веродостојноста на јазикот, или македонскиот идентитет. Потребно е да се формираат културни јадра и за претставување на авторите - Македонци кои се афирмираат во дијаспората“, изјави Шиндол на дводневниот прв собир на иселениците, организиран во Скопје.

Нивниот интерес да ги јакнат врските со татковината го изразија со барањето за зголемување на бројот на пратениците од дијаспората во идниот македонски парламент.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска