1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тунис во страв од „египетската болест“

Ане Алмелинг/ард/Жана Ацеска16 август 2013

Тунижаните со загриженост ја следат ескалацијатана настаните во Египет. Постојат паралели: и во Тунис владее борба за власт меѓу исламистичката влада и секуларната опозиција. Досега таму е мирно.

https://p.dw.com/p/19R51
Фотографија: Fethi Belaid/AFP/Getty Images

Сцените кои луѓето ги гледаат преку телевизиските екрани во кафетериите се грозни. Слики од Египет, каде во средата загинаа стотици луѓе. Ситуацијата во земјата на Нил е главна тема во тунискиот главен град.

„Според мене, ова е многу жално“, вели еден човек, кој се нарекува Шмаис. „Не затоа што ние сме Арапи или муслимани, туку затоа што се работи за луѓе. За сево ова ми е премногу жал“.

Расположението по улиците е мрачно. Не само поради ситуаицијата во Египет, туку поради тоа што и Тунис се наоѓа во длабока политичка и економска криза. Дека и во Тунис може да се случат слични сцени како во Каиро, Тунижаните не исклучуваат.

„Може да се случи, но се надеваме дека нема“, вели друг човек. „Луѓето во Тунис се поразумни. Јас се плашам за моите деца, а за себе не“.

Илјадници Тунижани бараат оставка од владата

Секуларните групи веќе со месеци водат борба за власт со исламистите, кои доминираат во туниската влада. Во минатите недели притисокот се зголеми. Прво, туниската опозиција се осоколи со соборувањето од функцијата на египетскиот екс-претседател Мохамед Мурси. Потоа беше убиен тунискиот опозициски политичар Мохамед Брахми, веројатно од радикални исламисти. Владините противници за убиството ја обвинуваат исламистичката партија Енада.

Оваа недела повторно илјадници Тунижани демонстрираа против владата, барајќи оставка на раководството. Но, Рашед Ганучи, влијателниот шеф на Енада, не попушта. За него не доаѓа во предвид влада составена од експерти, каква што бара опозицијата.

Tunesien Demonstration Liberale Opposition 26.07.2013
Фотографија: Fethi Belaid/AFP/Getty Images

„Движењето Енада одбива влада на национален спас. Тоа ќе го доведе Тунис во хаос и ќе ја уништи демократската одлука. Експертска влада не е соодветен одговор на она што сега му треба на Тунис“, рече тој.

„Ние Арапите сакаме безусловно да владееме“

Недоволната безбедност, широко раширената сиромаштија и невработеноста спаѓаат во најдраматичните проблеми на земјата. Како Енада планира да се справи со нив, Ганучи не открива. И покрај тоа, тој ја ужива поддршката на многумина Тунижани.

„Тунижаните се разликуваат од Египќаните, а Ганучи не е Мурси“, вели еден човек.

Навистина, за разлика од Египет, во Тунис сѐ досега се одвива многу помирно. Земјата не е под печат на насилство, туку владее статус скво. Откако претседателот на Уставотворното собрание Мустафа Бен Јафар привремено ја прекина работата на ова тело, процесот на демократизација во Тунис ена мраз. Бен Џафар сака опозицијата ивласта повторно да воспостават дијалог. Но, двете страни стојат непомирливо една наспроти друга.

„Ние Арапите имаме една болест, таа се вика, сакаме безусловно власт“, вели Шмаис.