1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тунис го бара патот за излез од кризата

Андреас Горзевски / Александар Методијев2 август 2013

Состојбата во Тунис се влоши драстично по убиството на опозицискиот политичар Брахми. Исламистичката владина партија Енадха сака предвремени избори во декември. За многу Тунижани промените доаѓаат пребавно.

https://p.dw.com/p/19Hjd
Фотографија: Reuters

Тунис паѓа во се’ подлабока политичка криза. По убиството на опозицискиот политичар Мохамед Брахми на 25 јули годинава се обновија судирите меѓу приврзаниците и противниците на владата во која доминираат исламистите. Се чини дека јазот меѓу религиозните и нерелигиозните групи е непремостлив. Убиството на осум војници во судир со вооружени ектремисти дополнително ги распали страстите. Тунискиот премиер Али Ларајед најави предвремени избори на 17 декември. Новата влада би требала да го најде излезот од полготрајната мизерија во која се наоѓа земјата по Арапската пролет. Но, многу Тунижани не сакаат да чекаат толку долго.

Исто како и по убиството на познатиот владин критичар Чокри Белаид на почетокот на февруари, така и сега по убиството на Брахми на улица излегоа десетици илјади луѓе. Погребната поворка се претвори во демонстрација против владата. Според истрагата, двете убиства биле извршени со исто оружје. Додека владата како одговорни за убиството ги посочува салафистите, семејството на Брахми смета дека извршителот е од редовите на владејачката Енахда партија.

Beerdigung Mohamed Brahmi Tunis Tunesien
Погребната поворка се претвори во демонстрација против владатаФотографија: Reuters

Според проценката на канцеларијата на Фондацијата Фридрих Нојман во Тунис, ситуацијата во земјата е влошена во однос на почетокот на годинава. Демонстрантите сега излегуваат на улица навечер, кога ќе биде завршен дневниот пост по повод Рамазан. Така е и од почетокот на неделава, кога демонстрантите едни против други фрлаа со камења. Армијата го огради со бодликава жица централниот плоштад во главниот град и го прогласи за област забранета за пристап. Во Сид Боузид, родниот град на убиениот Брахми, пак, полицијата ги растеруваше фрлачите на камења со солзавец.

И покрај ескалацијата на состојбата, ситуацијата во Тунис не може да се споредува со онаа во Египет, нагласува тунискиот пилитиколог Ларби Чоуика. Тој сепак нагласува дека „во Тунис исто така може да се види незадоволство од состојбата, кое извади луѓе на улица, и поделба на општеството на два дела “.

Tunesien Neue Regierung
Премиерот на Тунис Али ЛараједФотографија: Getty Images/AFP

Се предлага независна експертска влада

Со терминот за предвремени избори годинава, премиерот Али Ларајед се обиде да ја смири состојбата во земјата. Но, тој ги отфрла барањата од повеќе страни за негова итна оставка. Владата во Тунис е коалициска и составена од три партии. Социјалдемократската партија предлага преземање на власта во земјата од страна на влада на национално единство. Моќниот Сојуз на синдикати УГТТ, пак, предложи земјата да ја води независна експертска влада. Експертите како политикологот Чоуика сметаат дека треба веднаш да се најде некое решение и дека времето од сега до декември, кога треба да се одржат изборите, не е доволно. Според политикологот, за подготовка на изборите се потребни седум до осум месеци. Тој оценува дека партијата на премиерот ќе треба да смета на загуби во гласовите, кои ќе отидат на сметка на тунискиот разгранок на Муслиманското братство. Причината за падот на поддршката на главната владејачка партија е и економската мизерија и социјалната криза.

„Може многу убаво да се зборува за религија и идентитет, ама на луѓето им треба нешто да јадат“, вака го опишува расположението во Тунис политикологот Чоуика.