1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тупаница полна со љубов” во Берлин

8 април 2010

На иницијатива на театарската куќа „Нојкелн опер“ до 18.04 се оддржува првиот европски фестивал за поразличен музички театар. На програмата се 13 продукции од Германија, Естонија, Белгија, Холандија, Чешка и Македонија.

https://p.dw.com/p/MqB6
Дејан ДуковскиФотографија: DW

Нојкелн е кварт во Берлин во кој со сите тешкотии и многу неискористен потенцијал живеат три генерации од 160 националности. Нојкелн е, практично, германската и европската иднина. Операта од Нојкелн, чиј предизвик е да си избори место покрај етаблираните театарски куќи во градот, со првиот фестивал за поразличен музички театар, си постави за цел да одговори на прашањето: каква музичка сцена и’ треба на иднината, какви теми, гласови и изведувачи? Првенчето е вистински колаж на традиционалното и визионерското. Фестивалот ќе биде отворен вечерва со три продукции од Германија, Холандија и македонската „Тупаница полна со љубов” на Дејан Дуковски и Санди Лопичиќ, а во изведба на триото од МНТ, Горазд Цветковски, Јелена Јованова и Сенко Велинов.

Универзална приказна со балкански „шмек”

По ланското „Буре барут" ова е втор заеднички проект на Дејан Дуковски и Санди Лопичиќ во Берлин. Дуковски по синоќешната генерална проба ни изјави дека ова е всушност проект, кој се родил од неговиот текст „Празен град”.

„За мене беше предизвик да работам на една поразлична форма на театар. Актерите се првенци во МНТ, каде се поставени сите мои досегашни текстови. МНТ беше отворен за соработка со Нојкелн операта. Санди имаше кастинг, зашто многу комплексно прашање беше изборот на актерите зашто беа потребни не само драмските квалитети туку и гласовни можности. И мислам дека е направен одличен кастинг,” дополнува Дуковски.

Open Op Europäisches Festival für anderes Musiktheater
Комплексна задача беше да се најдат добри актери со квалитетни гласовни можности - вели Дуковски.Фотографија: DW

„Тупаница полна со љубов” е приказна за браќата Геро и Ѓоре кои ги толкуваат Горазд Цветковски и Сенко Велинов. Во суштина ова е балканско огледало на универзалниот конфликт меѓу истите по крв, како Ромул и Рем, Каин и Абел, Јакоб и Есау. Браќата се војници на две непријателски армии. Во ноќта пред решавачката битка случајно се среќаваат на борбената линија, како дезертери во окупираниот празен град. Додека паѓаат бомби, се пресметуваат со своите утопии. Разговараат за минатото. За мајката, за таткото и пред се’ за вереницата на Ѓоре, Марија, која ја игра талентираната и со прекрасен глас Јелена Јованова.

Допирните точки на Балканот со Европа

Санди Лопичиќ, кој е роден во Германија, силно е врзан за Сараево, а живее во Виена, вели дека си поставил задача во претставата да ги презентира допирните точки на Балканот со Европа, но и да ги разбие воспоставените клишеа. „Долго свирам етно џез и дојде време малку да се смени бојата. Во принцип се’ што се случува во балканскиот мелос е пародија, а баладите во претставата навистина ми излегоа од срце и немаат врска со некое обработување на задачата. Очекувањата можеби од берлинската страна беа и такви, зашто кога некого ангажираат, очекуваат да добијат Балкан. Но, и ние отсекогаш сме слушале рок-енд-рол, не сме пораснале со народната песна, иако сполај му на Бога ја знаеме и цениме. И ние сме попери, рокери, шминкери и според тоа музички од нив, ама баш никако, не се разликуваме,” истакна Санди Лопичиќ кој има полна уста пофалби за тројцата актери од МНТ.

Open Op Europäisches Festival für anderes Musiktheater
Звуците од Балканот не се само етно... Ние сме и рокери, и попери, и шминкери... смета Санди ЛопичиќФотографија: DW

Дејан Дуковски, пак, дополнува дека овде вечерва е официјалната премиера, а на 16 април е скопската премиера. Потоа „Тупаница полна со љубов” ќе биде на репертоарот на МНТ, а најавени се и неколку фестивали и гостувања.

По премиерата, пак, во 23 часот следува и првиот од планираните два концерта: Балкански звуци. Вечерашниов ќе ги пресели посетителите на фестивалот во музичкиот триаголник Скопје-Сараево-Грац. Утре, пак, малку појужно: Скопје-Истанбул-Берлин.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска