1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туризам во еврокриза - нема пари за одмор

Ана Зонтаг / Зоран Јордановски11 мај 2013

Минатата година 58 милиони странци беа на одмор во Шпанија. Туризмот учествува со 11 проценти во брутодомашниот производ. Домашните туристи ги има се’ помалку, оти луѓето во време на криза ги штедат парите.

https://p.dw.com/p/18N2c
Фотографија: Fotolia

Провинцијата Уелва на атлантскиот брег на Шпанија досега живееше од домашните туристи. Нив ги има се’ помалку - во кризата луѓето се’ почесто го „жртвуваат“ годишниот одмор. Туристичките работници сега излез бараат во привлекување поголем број туристи од странство. Атлантскиот океан е атракцијата на јужниот брег на Шпанија. Сезоната на капење таму почнува уште во април.

Но, се’ помалку Шпанци одат на одмор во сопствената земја, оти во кризата имаат и се’ помалку пари на располагање. За илустрација одбираме хотел со четири ѕвездички, директно на брегот. Порано хотелот беше целосно букиран во овој дел од годината. Сега се зафатени само една четвртина од вкупно 400 соби. Да не беа гостите кои редовно доаѓаат, директорот воопшто и не ќе можеше да го отвори хотелот. Полупансион во апартман за четири лица во предсезоната чини најмалку 300 евра дневно.

„Забележуваме дека семејствата мораат да штедат. Порано луѓето во Шпанија, освен летниот одмор, уште четири пати во годината патуваа некаде. Сега внимателно одмеруваат дали да одат во хотел на море во предсезона, оти не знаат дали ќе биде убаво времето“, вели Хозе Диес, директор на хотелот „Пуерто Антија“.

Türkei Strand Riviera Cesme
Се’ помалку домашни туристи во ШпанијаФотографија: picture alliance/Friedel Gierth

За да работи хотелот рентабилно, мора да биде исполнет и вон сезоната. Поради тоа, директорот засилено се ангажира за привлекување странски туристи. Тој посебно би сакал да привлече германски туристи.

„Во иднина имаме намера потесно да соработуваме со големи европски туристички оператори, како на пример со ТУИ од Германија, со кој склучивме договор. Користиме и рекламни кампањи за повеќе луѓе, првенствено повеќе германски туристи, да дознаат за регионот Уелва. Тие, се разбира, доаѓаат овде, но не толку колку што ни се фактички потребни“, вели директорот на хотелот.

Германците во камп-возило, наместо во хотел

Во околината на хотелот во последните десет години, кога градежништвото доживуваше бум, настана туристичката населба Ислантија. Но, сега повеќе од половина од хотелите и апартманите и таму се празни.

А, некои од посакуваните германски годишноодморци порадо се решаваат за одмор во камп-возило, директно на шеталиштето крај плажата. Некои хотели во регионот од поодамна се ориентираа кон странски туристи, нудејќи на пример одлични голф-терени.

Symbolbild deutscher Reisepass EU Europa Reisefreiheit Deutschland
Еврокризата удри и по туризмотФотографија: Fotolia/m.schuckart

„Голф-теренот бара голема вештина. Би рекла дека е многу атрактивен, нерамен е, со угорници и удолници“, вели Марлиз Хубер, германска туристка и љубител на голф. Таа и нејзината пријателка се голферки, кои настапуваат на турнири и живеат во Хамбург, а во студените месеци секоја година одат на тренинг некаде на југот. Тоа го прават и многумина Британци, Финци или Холанѓани, кои доаѓаат овде за да го подобрат својот играчки ранг.

„Без туристи од Северна Европа ние не можеме да опстанеме во вон сезоната и во текот на зимата. За да го држиме хотелот отворен и да остваруваме приходи, потребни ни се, на пример, германски гости“, вели Хозе Карлос, шеф на рецепција во голф-хотелот „Ел Ромпидо“.

Но, важна е и добрата храна. А, андалузиската кујна е подеднакво омилена како кај домашните, така и кај гостите од странство.