1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Туризмот ги спасува земјите во криза

Килиан Шуце/Б. Георгиевски2 февруари 2013

Новата година ги донесе првите знаци на опоравување. Катар најави дека ќе инвестира една милијарда евра во грчкото стопанство. Парите полека се враќаат во банките. Шпанското стопанство живна благодарение на туризмот.

https://p.dw.com/p/17Twa
Фотографија: picture alliance/dpa

За шпанскиот регион Коста Брава летото мина како и многу претходни. Сонце и плажа за милиони годишно-одморци, пред се’ Германци, Британци и Руси, кои ни во 2012 година не се откажаа од омилената дестинација, и со тоа и’ подарија на Шпанија рекорден приход од повеќе од 55 милијарди евра - раст од 6 проценти во однос на претхнодната година. Иако шпанските туристи патуваа помалку, сепак, од криза во туристичката бранша немаше ни трага.

И шпанската влада соопшти позитивни бројки: во 2012 година во државната каса се слеале четири милијарди евра повеќе од очекуваното, пред се’ благодарение на повисоките даноци. И од ЕУ доаѓаат охрабрувачки изјави.

„Ова ќе биде уште една тешка година, но јас сум убеден дека ова ќе биде година во која ќе направиме исчекор, во која Шпанија и еврозоната како целина ќе тргнат од стабилизација кон опоравување“, вели европскиот комесар за економија Оли Рен.

Закрепнување, благодарение на штедењето и инвеститорите кај кои, се чини, полека се враќа довербата. Во Шпанија, како и во Грција, поединци и претприемачи ги враќаат парите во банките. Грција е на добар пат да добие еден моќен инвеститор. Пустинскиот емират Катар ќе го поддржи грчкото стопанство со една милијарда евра. За грчката полураспадната економија тоа е вест која е премногу добра за да и’ се верува.