1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турканица на врвот на Бундеслигата

8 февруари 2010

Се заплеткуваат нештата на врвот на табелата во германската Бундеслига, по 21-то коло. По ремито на Леверкузен и убедливата победа на Баjерн, двете екипи се изедначени на водечките позиции.

https://p.dw.com/p/Lvfe
Леверкузен стигна до само еден бод на гости кај БохумФотографија: AP

Во битката за првото место на табелата Бајер Леверкузен и Бајерн Минхен се во шах-позиција. Двата најдобри тима сезонава ги дели само подобрата гол-разлика која ја има екипата од Леверкузен. Тимот на тренерот Јуп Хејнкес не успеа да извлече повеќе од еден бод на гостувањето кај Бохум. Сепак, резултатот од 1:1 значеше дека Бајер и понатаму е единствениот тим во лигата без пораз сезонава. За тренерот Хајнкес тоа и не беше толку важно.

„Со или без пораз во текот на сезоната, и овој бод може да биде многу важен. Од моето играчко и тренерско искуство знам дека понекогаш можеш да бидеш разочаран со нерешен резултат, но подобро е да извелечеш еден бод, отколку да останеш без ништо.“

Бајерн како брз воз нив Волфсбург

Бајерн ја надомести разликата од два два бода во однос на водечкиот со победата нагости кај Волфсбург од 3:1, и на тој начин се одмазди и за минатогодишниот пораз на истиот терен од 1:5.

Даниел Ван Бојтен, кој беше стрелец на вториот гол за Бајерн, смета дека неговиот тим шансата за титулата може да ја испушти само доколку се порази самиот себе:

„Доколку дојде некој натпревар за кој ќе помислиме дека можеме лесно да победиме, тоа може да биде опасно за нас.“

Три бода зад водечкото дуо се наоѓа тимот на Шалке. Во саботата, тимот на тренерот Феликс Магат одигра нерешено, без голови, нагости кај Фрајбург. Може да се каже дека тимот немаше среќа. Во 47-та минута судиите не признаа регуларен погодок на Марсело Бордон. По неговиот шут тупката се одби од пречката и заврши зад гол-линијата, но судиите не го видоа тоа.

Продолжи и сушната серија на тимот на Хамбург. На гостувањето кај Келн, играчите на Хамбург прокоцкаа сигурна победа, откако водеа со 3:1, но им дозволија на домаќините да стигнат до нерешен резултат. Тренерот Бруно Лабадиа не го криеше разочарувањето.

„По водството од 3:1 престанавме да играме фудбал. Според бројот на шансите требаше да го добиеме натпреварот со 4 или 5:1. Но, играчите се опуштија и дефинитивно му ги подаривме бодовите на Келн.“

Дортмунд одново во криза

Fußball Bundesliga - Borussia Dortmund gegen Eintracht Frankfurt
Фудбалерите на Франкфурт го прославуваат победничкиот гол против ДортмундФотографија: AP

Шесте едноподруго победи за тимот на Јирген Клоп веќе изгледаат како далечно минато, откако Борусија Дортмунд го забележа и вториот пораз во последните два натпревари. Откако минатиот викенд беше декласирана нагости кај Штутгарт со 4:1, Борусија во неделата загуби дома од Франкфурт со 3:2 и го загуби чекорот во битката за место на табелата кое води во Лигата на шампионите. Првата победа на Ајнтрахт во Дортмунд, по пауза од 19 години, го израдува тренерот Михаел Скибе:

„Многу сум среќен и горд на својот тим. Одигравме одлично, не само во дефанзивата, туку и на средината и во нападот. Дури и при резултат 2:2 игравме на победа. Одлична претстава на мојот тим.“

Да се кроеше пласманот на табелата во Бундеслигата само врз основа на мечевите на домашен терен, тимот на македонскиот репрезентативец Николче Новески, Мајнц, ќе играше во Лигата на шампионите. Мајнц во неделата ја забележа и седмата победа, во десет натпревари, на домашен терен против Борусија Менхенгладбах и заедно со Бајер и Бајерн е единствената екипа без пораз дома. Победата од 1:0 го искачи Мајнц на 8-то место на табелата.

По седум натпревари без победа, црната серија во ова коло ја прекина тимот на Хофенхајм, откако на домашен терен го совлада Хановер со 2:1. Штутгарт, предводен од новиот тренер Кристијан Гросј ја забележа и петтата победа едноподруго, откако нагости беше поуспешен од Нирнберг со 2:1. Вердер во Бремен, во петокот ја совлада последнопласираната Херта со 2:1.

„Супер Боулот“ за Њу Орлеанс

Super Bowl USA 2010 Flash-Galerie
Њу Орлеанс Сеинтс за првпат во историјата стигнаа до врвот на американскиот фудбалФотографија: AP

Во САД вчера се одржа најголемиот спортски настан во годината, финалето во американски фудбал, популарниот „Супер Боул“.

Екипата на Њу Орлеанс Сејнтс за првпат во историјата победи во 44-тото финале кое рано утрово се одигра во Мајами против Индијанаполис Колтс со 31:17. Ова беше прво финале за Њу Орлеанс и во првиот обид тимот успеа да го освои пехарот.

Индијанаполис водеше со 10:6 на полувремето, но не ги искористи шансите за победа, а натпреварот беше решен на три минути пред крајот, кога Њу Орлеанс поентираше по неуспешно додавање на Индијанаполис.

Автор: Карл Копс/ ројтерс/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска