1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турските мигранти не му веруваат на Гаук

18 март 2012

Изборот на кандидатот Јоахим Гаук за германски сојузен претседател важи за сигурен. Освен Партијата на левицата, сите се за него. Но, мигрантите со турско потекло исто така имаат задршки кон Гаук.

https://p.dw.com/p/14LeW
Фотографија: picture-alliance/dpa

Сојузното собрание, кое треба да го избере новиот германски претседател, брои 1.240 членови. Во него спаѓаат сите пратеници во Бундестагот, како и делегати од покраините. Меѓу нив не се само политичари, туку и личности од јавниот живот. Овојпат меѓу нив ќе бидат и 17 лица со турско потекло. Мевлуде Генч, која го загуби својот татко во 1993-та година во пожарот - последица на десноекстремистички напад во Солинген, како и Гамзе Килич, чиј татко беше убиен од неонацистичката терористичка организација од Цвикау, се меѓу членовите на Сојузното собрание.

Што навистина мисли Гаук

Не постои сомнеж дека Јоахим Гаук ќе биде изгласан, сите партии го поддржуваат, со исклучок на Левицата. Но, во турската заедница тој е оспоруван. Гаук беше заеднички кандидат на Социјалдемократската партија и на Партијата на зелените при последниот избор пред две години. Мемет Килич, портпаролот на Зелените за миграциски прашања, во таа прилика го поддржа Гаук. Во меѓувреме, го смени мислењето:

Joachim Gauck / designierter Bundespräsident / Fürth
Тезите на Гаук спорни за турските доселенициФотографија: dapd

„Кога беше наш кандидат, во Сојузното собрание одржа добар говор во кој се изјасни против дискриминација на мигрантите и побара нивно прифаќање како дел од општеството. Три месеци потоа се разви дискусијата околу тезите на Тило Сарацин. Господин Гаук во весникот Ное цирхер цајтунг го пофали Сарацин и неговата храброст и ги оправда таквите дискусии“.

Сарацин инаку настапи со спорни тези кои се толкуваа како непријателски кон странците.

Кај турските мигранти изјавата на Гаук предизвика иритации. Нивното незадоволство го искажуваа преку социјалните мрежи. Но, дали Турците погрешно ја разбраа и интерпретираа поддршката на Гаук кон Сарацин? Серкан Терен, портпарол на Партијата на либералите, е уверен во тоа:

„Гаук беше на седница на нашата пратеничка група, каде му поставувавме прашања. Мене ме интересираше каква важност и‘ дава тој на интеграцијата. Одговорот на Гаук беше - темата за него има огромно значење и тој ќе ја продолжи линијата на Кристијан Вулф. Ако ги читате неговите интервјуа, ќе откриете дека се погрешно коментирани, негови изјави се вадат од контекст“.

Мигрантите не се убедени

Мемет Килич напротив смета дека тука нема недоразбирање. Најдобар доказ се зборовите на Гаук при посетата на парламентарната група на Партијата на зелените.

Memet Kilic
Мемет Килич не е убеден во промената на ставовите на ГаукФотографија: Memet Kilic

„Гаук изрази жалење што го поддржал Сарацин, тоа го призна за грешка. Но, неговото признание не ме убеди целосно. Гаук кај Христијанско-демократската унија го кажа она што таму сакаа да го слушнат, кај нас беше исто“, вели Килич.

Германската канцеларка Ангела Меркел на консултациите околу кандидат за претседател не ја покани Партијата на левицата. Затоа Левицата за свој кандидат ја избра Беате Кларсвелд. За Хакан Тас, член на Сојузното собрание и пратеник од Левицата, не доаѓа в предвид поддршка на Гаук, затоа што тој не се спротивстави на војната во Ирак и во Авганистан. За Тас ниту обидите за приближување на Гаук до мигрантите не се многу уверливи:

„Не се важни овие симболични гестови, туку она што некој го мисли. Гаук отворено покажа што мисли. Тој нема да биде претседател по желба на мигрантите. Дефинитивно не!“

Автор: Јилиде Данишман/ Ж. Ацеска

Редактор: Симе Недевски