1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција и Франција во дипломатски клинч

22 декември 2011

Парламентот во Париз денеска (22.12.2011) расправа за предлог закон според кој негирањето на геноцидот врз Ерменците во Османлиската империја за време на Првата Светска Војна би било казнено дело.

https://p.dw.com/p/13XUk
Националното Собрание во ПаризФотографија: AP

Турција и‘ се закани на Франција со сериозни последици доколку парламентот во Париз го прогласи негирањето на геноцидот врз Ерменците во Првата светска војна за казниво дело. Парламентот денеска треба да гласа за соодветниот предлог-закон. Во него се предвидени казни до две години затвор и 45.000 евра за оние кои го негираат постоењето на геноцидот над Ерменците.

Турската влада смета дека планираниот закон е изборно-тактички мотивиран гест на претседателот Никола Саркози за придобивање на бројните гласачи со ерменско потекло во Франција. Турскиот министер за надворешни работи Ахмет Давутоглу во вчерашното интервју за весникот „Монд“ изрази изненадување од постапките на француските власти со оглед дека, како што рече, францускиот претседател Никола Саркози му ветил на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган дека ќе се откаже од својот проект за казнување на лицата кои го негираат ерменскиот геноцид. Давутоглу додаде дека „Турција гледа на оваа нова иницијатива како напад против историјата на земјата“.

Според различни проценки во периодот меѓу 1915-та и 1916-та година во тогашната Османлиска Империја биле убиени меѓу 200 илјади и 1,5 милиони Ерманци. Турција од тогаш наваму се спротиставува да ги означи убиствата како геноцид.

Автор: СН/ АТ/ дпа/ дапд/ афп/ миа

Редактор: Ж. Ацеска