1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција на Балканот - митови и илузии

Ајхан Шимшек / Борис Георгиевски17 мај 2012

Што се крие зад турската експанзија на Балканот? Дали станува збор за „нео-отомански“ империјалистички сништа или пак за економски и стратешки интереси?

https://p.dw.com/p/14wMm
Фотографија: picture-alliance/dpa

Зајакниот турски интерес за Западен Балкан и растот на политичкото, културното и економското влијание на оваа земја во регионот, отвора дилеми за вистинските интереси на владата во Анкара, предводена од исламистичката Партија на правдата и развојот (АКП).

Под водство на АКП, Турција презема самоуверена надворешна политика на Балканот. Шефот на дипломатијата Ахмет Давутоглу се обидува да посредува во политичката криза во Босна и Херцеговина, нуди посредништво меѓу Србија и Косово, и презема различни иницијативи за решавање на други проблеми меѓу соседите во регионот.

Растечкото турско влијание не е ограничено само на политика. Со својата растечка економија, Турција стана магнет за луѓето на Балканот. Трговијата и туризмот цутат, турските сапунски опери станаа најгледани емисии во најголемиот дел балкански држави, а турските универзитети станаа добра алтернатива за младите, поради стотиците стипендии кои се нудат.

И покрај растечкиот интерес и афинитет за Турција, сепак, многумина во нејзината политика гледаат со недоверба. Според Ерхан Турбедар, експерт за Балканот во турската Фондација за економско-политички истражувања, актуелната дебата за односите меѓу Балканот и Турција е полна со митови и илузии, на обете страни.

Türkei Außenminister Ahmet Davutoglu
Турскиот министер за надворешни работи Ахмет ДавутоглуФотографија: dapd

„Многу луѓе во Западен Балкан веруваат дека главниот мотив на Турција е да ги унапреди односите со исламскиот свет. Тие сметаат дека оваа политика е базирана врз идеолошки, а не на национални интереси“, вели Турбедар.

Турција на Балканот и обратно

„Често слушаме критики дека Турција сака да се прошири на Балканот, или се обидува да ги оствари своите цели преку културни, политички и економски мерки. Овој наратив стана урбана легенда во сите балкански земји“, објаснува Турбедар. Според него, ваквите сомневања се вкоренети во историјата, но недостатокот на информации за случувањата во Турција во балканските медиуми само ги продлабочува стереотипите. За разлика од земјите со мнозинско муслиманско население како Албанија, Косово и БиХ, каде на турската улога се гледа позитивно, во Србија, на пример, сомневањата се посилни.

Турбедар тврди дека сепак клучни за турската политика во овој регион не се исламистичките мотиви на владата на АКП, туку економските интереси и домашната политика. Очекувањата дека Турција треба да се наметне и како играч на меѓународната сцена, исто така се важни. Од аспект на домашната политика, најголема улога игра силното „балканско лоби“ во Турција. Според проценките, меѓу 10 и 15 милиони Турци имаат балкански корени. Тие, вели Турбедар, сочинуваат моќно лоби.

Karte Europa MSOE Neues Format
Турција и Западниот БалканФотографија: DW

Но митовите се присутни и на другата страна. „Ако ги следите информациите во турските медиуми ќе дојдете до заклучок дека сите балкански земји имаат огромни симпатии кон Турција. Од аспект на домашната политика, креирањето на ваквата перцепција има успех, но кога ќе отидете во балканските земји сфаќате дека тоа не е точно“, вели Турбедар.

Нео-отоманство

Критиките за политиките на турската влада доаѓаат и од самата земја. Најголемата турска опозициска партија, Републиканската народна партија, презеде нова иницијатива, откако висока партиска делегација предводена од лидер Кемал Киличдароглу неодамна ја посети БиХ. Турската опозиција сака да укаже на грешките во турската надворешна полиика.

„Балканската политика на АКП има две главни димензии. Првата е нео-отоманството, а втората е верскиот пристап. Ние сме против таквата политика. Затоа ја посетивме БиХ. Ние сме за пристап кој ќе биде раководен од принципите и вредностите на социјалдемократијата“, вели потпретседателот на Републиканската народна партија, Фарук Логоглу.

Wahlen in der Türkei
Митинг на турската опозициска Републиканска партијаФотографија: AP

Во турската влада ги демантираат ваквите оценки.

„Турција има блиски односи со балканските земји, врз основа на нашата заедничка историја. Со векови Турците живееле заедно, едни до други со луѓето од регионот. Денес сме во сродни врски со заедниците во бројни балкански држави. Оттука, тврдењата за некакви скриени нео-отомански агенди не се вистинити“, вели Хасан Гогус од турското министерство за надворешни работи.

Турција, според него, се раководи од неколку основни принципи чија главна цел е остварување на евро-атлантската интеграција на целиот регион. „Кога сите земји од регионот ќе станат членки на ЕУ, ќе имаме траен мир и стабилност. Актуелните граници ќе го загубат значењето“, заклучува Гогус.