1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција не му врти грб на Западот

5 јули 2010

Турција минативе години надворешнополитички е поангажирана од кога било, што наидува и на критика во ЕУ и САД. Мнозинството германски политичари и експерти, сепак се на мислење дека Туција не се оддалечува од Западот.

https://p.dw.com/p/OAn9
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Иран (архива)Фотографија: FARS

Дали се менува турската надворешна политика? На ова прашање германските политичари и експерти категорично одговараат - „да“. Професорот Хајнц-Јирген Акст од Институтот за политички науки на универзитетот Дуизбург-Есен укажува, меѓутоа, дека Турција во меѓународната политичка арена стекна поголема самодоверба:

„Турција станува се` посвесна, пред се`, за своето економско значење, па тоа сега го пренесува и во надворешната политика, каде, од друга страна, кај нејзините партнери, особено во Европа и САД, го отвора прашањето - дали новата ориентација може да води кон оптоварување.“

Дипломатските напори на Турција за решавање на проблемите со соседите германските експерти ги оценуваат позитивно, иако надворешнополитичките односи не можат да се нормализираат преку ноќ, како на пример со Ерменија и Грција.

Пресврт во блискоисточната политика?

Во блискоисточниот конфликт, Турција минатите години ги повторуваше посредничките обиди. Тоа целосно се смени од израелската воена акција против хуманитарниот конвој за Појасот Газа, кон крајот на мај. Во неа беа убиени и ранети повеќе турски државјани. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоан акцијата ја оцени како масакр и побара казнување на Израел.

Israel Türkei Luftraum Sperrung Flugzeug Flughafen Flagge Fahne
Турција мора да внимава да не го уништи доброто партнерство со Израел, вели Томас БараисФотографија: picture alliance/landov

Експертот за Турција во Бундестагот од германската Христијанско-демократска и Христијанско-Социјална унија, Томас Бараис со загриженост го следи затегнувањето на тензиите меѓу Турција и Израел.

„Турција мора да внимава да не го уништи доброто партнерство со Израел, градено последните децении. Ние од германска страна сме заинтересирани нивните односи и натаму да бидат на добро ниво.“

Експертот за Турција од Социјалдемократската партија Дитмар Нитан причините за затегнатоста меѓу Турција и Израел ја гледа во безуспешните напори на Анкара за подобрување на израелските односи кон неговите соседи:

„Не е до Турција во прва линија, туку до израелската влада. Но, мислам дека Турција игра важна улога за Израел, и затоа треба да се потруди повторно да ги подобри односите со еврејската држава.“

Негативен поен во спорот со Иран

На Блискиот Исток турската дипломатија има и друга важна тема: атомскиот спор со Иран. Кон крајот на мај Ердоан заедно со бразилскиот претседател Луис Инацио Лула да Силва во Техеран подготви компромис, кој сепак не можеше да спречи Советот за безбедност на ОН кратко потоа да донесе нови санкции против Иран. Притоа Турција гласаше, заедно со Бразил, со „не“, по цена да ги сврти против себе САД и ЕУ.

Symbolbild Türkei - Israel - arabische Welt
Затегнатоста со Израел, добрите односи со Иран и напорите за интензивирање на соработката со арапските држави покренуваат дилема - дали Турција се оддалечува од Западот?Фотографија: AP/DW/MontageDW

Во Берлин постои разочарување од турското „не“. Христијанскиот демократ, претседател на Комисијата на Бундестагот за надворешна политика, Рупрехт Поленц:

„Мислам дека се работи за огромна грешка што Турција гласаше со ’не’ во Советот за безбедност на ОН и на иранската влада и` даде можност да се однесува како светската заедница да не е загрижена, што не е така. А и Турција е загрижена, зашто не сака сосед кој поседува атомско оружје.“

Новата самостојост е оправдана, ако не е против некого

Затегнатоста со Израел, добрите односи со Иран и напорите за интензивирање на соработката со арапските држави покренуваат дилема - дали Турција се оддалечува од Западот? Германските политичари и експерти на ова одговараат со јасно„не“, како социјалдемократот Дитмар Нитан:

„Турската надворешна политика не му врти грб на Западот, туку таа се менува во правец на поголема тежина на Турција и нејзината улога. Јас тоа го сметам за оправдано. Се` додека новата самостојност не е насочена против нешто, против Западот или против демократијата, се` додека таа претставува позитивна сила, треба да ја поздравиме.“

Автор: Јилиде Данисман / Клаус Даман / Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска