1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција спречила атентат врз вселенскиот патријарх Вартоломеј

СН/ЕМФ/кна11 мај 2013

Турски медиуми денеска (11.05) јавија дека за 29 мај бил планиран атентат врз цариградскиот и вселенскиот патријарх Вартоломеј Први. Турската полиција во Истанбул уапсила едно осомничено лице.

https://p.dw.com/p/18W2r
Фотографија: Reuters

Турските власти , според медиумските извештаи, спречиле атентат врз вселенскиот патријарх Вартоломеј Први (на фотографијата горе со папата Франциско). Уапсено е едно осомничено лице, кое и‘ било познато на полицијата како десничарски националист. Атентатот, според медиумите во Турција, бил планиран за 29 мај, на годишнината од освојувањето на тогашен Константинопол, денешен Истанбул, од страна на Османлиите.

Државното обвинителство во Кајзери, во централна Анадолија, според медиумските извештаи, истражните дејства му ги предало на Врховното државно обвинителство во главниот град Анкара. Осомничениот, кој беше идентификуван како Сердар А., ги отфрла обвинувањата. Истражителите меѓутоа се уверени дека тој пред кусо време допатувал во Истанбул за да ги следи движењата на патријархот Вартоломеј Први.

Истрагата била покрената по информацијата добиена од еден доушник, чиј идентитет не се објавува. Весникот „Хабертурк“ објави дека мерките за безбедност на православниот патријарх се зајакнати. Вселенската Патријаршија досега не заземала официјален став во врска со овие информации. Досега инаку се спречени неколку планирани атентати врз Вартоломеј Архондонис, кој за вселенски патријарх е избран во 1991 година.

Турските десничарски националисти во христијаните гледаат потенцијални непријатели на претежно муслиманска Турција. Во изминатите години убиени беа повеќе христијани, меѓу нив и католичкиот свештеник Андера Санторо, германскиот мисионер Тилман Геске и новинарот со ерменско потекло, Хрант Динк.