1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тур д’Франс заврши, темната сенка од допинг-скандали уште долго ќе го следи

30 јули 2007

Успеси на Хамбургер и на женските фудбалски селекции на Германија. Ирак стака првак на Азија во фудбал. Регина Халмих остана светска првенка во бокс

https://p.dw.com/p/BNWF
Алберто КонтадорФотографија: AP

Шпанецот Алберто Контадор на крајот е прв во генерален пласман на годинашната велосипедска трка Тур д’Франс, иако има индиции дека и тој не е сосем имун на допинг. “Му честитам на победникот и се надевам дека нема да ни се случи како лани до наредниот Тур се’ уште да не знаеме кој е победник. Се надевам дека годинашниов ќе остане”. Ханс-Михаел Холцер, шеф на тимот на "Геролштајнер" алудира на случајот со минатогодишниот победник, Американецот Флојд Лендис, за кој потоа беше утврдено дека се допингувал, титулата му е одземена и се’ уште не е познато кој е официјален победник на трката.

За менаџерот на тимот на Те-мобајл Руди Алдаг не е ни битно кој е е прв годинава: “Во 2007-ма всушност има само губитници на Тур, победници нема. Трката требаше да биде знак на обнова – ние така настапивме...”

Тур д’Франс заврши, темната сенка од допинг-скандали уште долго ќе го следи. Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог им се спротивстави на барањата за исклучување на велосипедскиот спорт од олимписката програма. “Не е решение да се исклучи тој спорт од олимписката програма. На сето треба да се гледа во перспектива. Она што сега се случи на Тур, како прво, е знак дека мора драстично и брзо да се промени менталитетот на спортистите. Второ, треба да се провери дали системот на контроли добро функционира. Ќе му помогнеме на Меѓународниот велосипедски сојуз како партнер од доверба за да ја подобри ситуацијата на овој спорт во иднина” – рече Жак Рог.

Хамбургер ќе се приклучи во квалификациите за Купот на УЕФА

Хамбургер во рамките на Интер-тото купот го победи во реваншот тимот на Дачија од Кишињев, Молдавија, со 4 спрема 0 и се избори за учество во квалификациите за Купот на УЕФА. Во првиот натпревар резултатот беше 1 спрема 1. 51 илјада гледачи беа сведоци на ревијата голови, сите постигнати во второто полувреме. Стрелци беа Компани, ван дер Ваарт, Бенџамин и Јаролим. Капитенот Рафаел ван дер Ваарт по средбата изјави: “Мислам дека денеска одигравме добар натпревар, но противникот не беше толку добар. Задоволни сме, но во Бундеслигата е сосем поинаку”.

Тренерот Хуб Стевенс е задоволен од ситуацијата: “Имаме добар играчки кадар, имаме доверба во него, па ќе видиме како ќе се одвиваат работите”.

Успеси на германскиот женски фудбал

Од германскиот фудбал уште информациите дека женската репрезентација во пријателски натпревар во Магдебург ја совлада селекцијата на Данска со 4 спрема 0. Германската женска селекција до 19 години стана европски првак со победата во финалето над Англија со 2 спрема 0, извојувана во продолжението. Во регуларниот теке беше 0 спрема 0. Успехот на младите Германки одвај да беше забележан во овдешната јавност.

Халмих ја одбрани титулата

Регина Халмих остана светска првенка во бокс. Во Диселдорф ја победи првата од листата на предизвикувачките, Американката Венди Родригес. 30-годишната Халмих, светска првенка во три категории, најавува дека годинава можеби ќе ја заврши кариерата, во која 5020 денови е светски првак, рекорд внесен и во Гинисовата книга. “Ако победам на 30-ти ноември, тоа ќе биде моја последна борба”, изјави Халмих по победата над Родригес.