1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен индискиот магнат Субрата Рој

ЖА/миа/афп28 февруари 2014

Индискиот магнат Субрата Рој (65) е уапсен денеска, откако самиот ѝ се предаде на полицијата во индиската сојузна држава Утар Прадеш, соопшти претставник на локалната полиција.

https://p.dw.com/p/1BHN8
Фотографија: Agentur MIA

Врховниот суд на Индија издаде налог за апсење на Рој во средата, а вчера полицијата го побара во неговиот дом за да го приведе на сослушување, но не го пронајде. Неговите адвокати тврдат дека Рој не се криел од полицијата и од судските власти, туку дека бил покрај неговата тешко болна 92-годишна мајка. Неговиот син Семанто Рој, кој го потврди апсењето, на прес-конференција во Њу Делхи изјави дека татко му е подготвен да соработува со властите.

Судот му одреди на Рој притвор до 4 март, за кога е закажано првото сослушување, но го одби барањето да му овозможи да се брани од слобода со кауација. Налогот за апсење Врховниот суд го издаде откако Рој не се појавил на закажаното рочиште по обвинувањата за измама.

Според индиското обвинителство, две компании на неговата „Сахара Груп“ заработиле од 3,9 милијарди долари преку продажба на обврзници за кои потоа е утврдено дека се нелегални.

Контролата на финансиското работење на „Сахара“ утврдила дека Рој не успеал да им ги рефундира парите на милиони инвеститори, иако за тоа бил обврзан од судот.

Групцијата „Сахара“ се проценува на 11 милијарди долари и таа има раширен бизнис во низа сектори, од банкарско-финансискиот и градежништвото, па до авијацијата и медиумите.

Субрата Рој е сопственик и на угледниот хотел „Плаца“ во Њујорк, како и на престижниот лондонски „Гровенор“. Во неговата групација има преку 1,1 милиони вработени, со што Рој е најголем приватен работодавач во Индија.

Според индиските медиуми, апсењето било навестено уште во средината на овој месец, кога со судски налог беа „замрзнати“ банкарските сметки на „Сахара Груп“.

Субрата Рој во Македонија најави инвестиција од 211 милиони евра во наредните три години во агрокомбинатот Џумајлија. Тој планира изградба на фарма за 20.000 грла добиток, објекти за производство на сточна храна, но и капацитет за преработка на 300.000 литри млеко дневно.