1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уапсен „мозокот“ на трговијата со органи на Косово

ЖА/миа25 мај 2012

Осомничениот за организирање на трговија со човечки органи на Косово, Моше Харел, по кого косовските власти трагаат со години, е уапсен во Израел.

https://p.dw.com/p/152GI
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Добивме информација дека Моше Харел е уапсен во Израел поради трговија со органи и други кривични дела поврзани со тој случај и сега чекаме потврда од израелските власти, изјави специјалниот обвинител на ЕУ Џонатан Рател.

Доколку информацијата биде потврдена, ова апсење би можело да претставува пресврт во судењето на седум лица, обвинетите за трговија со органи и нелегални трансплантации во клиниката Медикус во 2008-ма година во Приштина. Харел е уапсен во Приштина во 2008-ма година, но побегнал од Косово, откако бил пуштен од притвор. Косовските власти потоа издадоа меѓународна потерница за негово апсење.

Според обвинението во приштинската клиника во 2008-ма година се извршени најмалку 30 нелегални вадења и пресадувања на бубрези. Донаторите биле од сиромашни луѓе од источноевропски и централноазиски земји, на кои за органите им се ветени 15 илјади евра. Во обвинението израелскиот државјанин Харел се наведува како „мозок на мрежата“, која пронаоѓала донатори и лица на кои им се потребни органи.

Меѓу седумте осомничени лица против кои се води судски процес се и поранешниот функционер во косовското министерство за здравство Илир Рецај и познатиот приштински уролог Љуфти Дервиши. Осомничен е и турскиот лекар Јусуф Сонмез, кој е обвинет за вршење на нелегални операции за вадење на органите. Против него е покренато обвинение и во Турција.

Косовската клиника беше претресена од полицијата во 2008-ма година, откако еден турски државјанин колабирал на приштинскиот аеродром додека чекал да влезе во авион за Истанбул, откако му бил изваден бубрегот.

Судскиот процес го води ЕУЛЕКС, која е формирана со цел да му помогне на локалното правосудство во чувствителни случаи, откако Косово во 2008-ма година едностратно прогласи независност.