1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убаво време - тешки теми

Б. Макрс / Н. Веркхојзер / Е. М. Фиданоска19 јуни 2013

Германската канцеларка Ангела Меркел повеќепати го канеше американскиот претседател да го посети Берлин. Сега Барак Обама е конечно тука, а заедничката прес-конференција покажа - меѓу Берлин и Вашингтон не е се‘ розово.

https://p.dw.com/p/18t2u
Фотографија: Reuters/Bundesregierung/Steffen Kugler

На дневен ред беа не само добрата соработка на Германија и САД, туку и спорни теми, како системот за надгледување Призма, со кој американската тајна служба НСА ги прислушувала и надгледувала телефонските и интернет врските и во Германија.

По меѓународните критики на сметка на програмата, Обама вети поголема транспарентност. Тој пред новинарите даде уверување дека американските тајни служби во иднина ќе се договараат со германските партнери и на јавноста ќе и‘ бидат доставувани повеќе информации. Но, Обама го обранеше собирањето податоци од страна на тајната служба НСА како нешто што е неопходно во одбраната од тероризам. „Последицата од тоа е што спасуваме животи“, нагласи Обама во Берлин.

Obama in Berlin mit Merkel PK
Обама и Меркел на прес-конференцијата во БерлинФотографија: Johannes Eisele/AFP/Getty Images

Заштитници на податоци и борци за човекови права од Меркел побараа да ја отвори оваа тема во разговорите. Сојузниот ополномоштеник за заштита на податоци Петер Шаар изјави дека од Меркел очекува да се заложи за „високо заедничко ниво на заштита од двете страни на Атлантикот“. Тој сака да знае кои податоци врз основа на кој закон стигнале во рацете на безбедносните органи и дали европските корисници можат да ги бараат своите права пред американските судови.

Сирија без Асад

Околу прашањето на Сирија Обама и Меркел се повторно на иста линија. Двајцата сметаат дека е можен крај на граѓанската војна во Сирија само без властодржецот Башар ал-Асад. Времето на Асад е поминато, нагласија Обама и Меркел. Истовремено, американскиот претседател ги отфрли како претерани стравувањата дека САД би можеле да бидат вовлечени во војна поради планираното лиферување оружје за бунтовниците. Меркел нагласи дека Германија нема да им доставува оружје на бунтовниците.

Obama in Berlin PK mit Merkel
Обама има разбирање за критикитеФотографија: Reuters

Двајцата соговорници разговараа и околу спорните прашања - Гвантанамо и борба со беспилотни летала. Германската влада долго време инсистира на затворање на затворот во Гвантанамо, а Обама уште еднаш повтори дека се држи до таа цел, признавајќи дека не е е постигнат „толку брз напредок“ како што се надевал.

Американскиот претседател реагираше со разбирање и на критиките за употреба на беспилотни летала и подвлече дека целното убивање терористи мора добро да се „измери“. Обама демантираше дека американските воени сили управуваат со беспилотни летала од воените бази во Германија.

На почетокот на официјалната програма од посетата на Берлин, Обама беше поздравен со воени почести во дворецот Белви. Германскиот претседател Јоахим Гаук, притоа, му приреди исклучително срдечен пречек.