1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убаво што уште еднаш разговаравме

Бернд Ригерт16 декември 2006

Коментар на Бернд Ригерт

https://p.dw.com/p/Ac0t
Ангела Меркел и Мати Ванханен
Ангела Меркел и Мати ВанханенФотографија: AP

Досегашното проширување на ЕУ, политички и економски, беше успешно. Наредната рунда на проширување со Хрватска и останатите балкански држави е договорена работа. Ветувањето за надминување на поделеноста на Европа треба да се одржи. Преговорите со Турција, со цел полноправно членство треба да продолжат кога Турција ќе ги исполни своите обврски спрема Кипар. Сето тоа е заклучено на крајот на финското претседателство со унијата. Би рекле заклучено по којзнае кој пат, зашто нешто навистина ново во заклучоците нема. Шефовите на држави и влади повторно пропуштија шанса да одговорат јасно на прашањата на нивните граѓани за тоа каде треба да лежат политичките и географските граници на унијата. Околу ова прашање ставовите и натаму се разијдуваат. Има држави кои пледираат за тоа во унијата да се примат сите средоземноморски држави. Има држави кои дури и балканските земји би сакале да ги поврзат со некакво членство од втора класа.

Со оглед на тоа што нема јасен став, ЕУ остана на нејасни формулации од кои може да се прочита дека Украина, Грузија и Молдавија засега немаат европска перспектива. Ним и на другите аспиранти им е понудена засилена соседска политика. И, тоа всушност не е ништо ново.

Како повторно ЕУ да се оспособи за интеграција, односно како треба да изгледа патот до нов устав или до некаков основен документ за една заедница која би броела 34 држави? На ова прашање самитот не даде одговор. Проблемот на пропаднатиот устав му се предадено на германското претседателство со унијата. Германија во моментов повеќе се обидува да ги намали очекувањата од нејзиното претседавање со унијата отколку што нуди содржински предлози за тоа како би можел да изгледа предлог-уставот кој би бил ратификуван од сите 27 земји на ЕУ. Канцеларката Ангела Меркел таинствено се крие зад претстојните француски претседателски избори. Таа сака да презентира содржински предлози дури во јуни. Веројатно едноставно нема поим како би требало да изгледа оваа квадратура на европскиот круг.

Се чини фацитот од овој самит гласи – убаво што уште еднаш разговаравме за се. Францускиот претседател Жак Ширак, кој е на заминување од функцијата, веќе не мора да презентира дипломатска воздржаност. Тој на интересните дебати се досадувал, затоа што биле разменети само досега познатите ставови. На госпоѓа Меркел, како нов престедавач со ЕУ, и дал еден добар совет – на 27-те шефови на држави и влади, доколку навистина нема што да кажат, треба да им ја ограничи должината на говорење на три минути.