1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиени четворицата заложници во Авганистан!?

13 март 2006

Радикално исламското движење на Талибанците ги ликвидирало четворицата заложници од германската фирма Еколог. Тие беа егзекутирани по наредба на лидерот на Талибанците Молата Мохамед Омар, посочи денеска портпаролот на движењето Кари Мохамед Јусуф.

https://p.dw.com/p/Ac88
Талибански борци снимени во градот Џалалабад во 2001-та година
Талибански борци снимени во градот Џалалабад во 2001-та годинаФотографија: AP

Според неговите податоци станува збор за еден Германец и тројца Албанци. Тој дури прецизира дека труповите на четворицата заложници се оставени на една сообраќајница што ги поврзува покраините Кандахар и Хелманд. Министерството за надворешни работи од Берлин меѓутоа не можесо сигурност да каже дали меѓу четворицата грабнати имало и еден германски граѓанин.

„Министерството за надворешни работи, во соработка со сите релевантни фактори и во тесен контакт со авганистанските власти, во моментов се обидува да ја расветли целата ситуација. Во моментов не можеме да потврдиме дека меѓу киднапираните се наоѓа и еден германски граѓанин„ – порача на редовната рутинска прес конференција во Берлин портпаролот на Министерството Мартин Јегер.

Слична е и изјавата на шефот на дипломатијата Фран Валтер Штајнмајер, дадена на маргините на средба на неговата социјалдемократска партија во Штутгарт:

„Во моментов знаеме само дека има повеќе заложници со разно државјанство, во тек е истрагата околу случајот и јавноста ќе ја информираме штом ќе имаме попрецизни сознанија.„

Германската фирма Еколог, по чиј налог биле упатени четворицата странски работници во Авганистан, во меѓувреме тврди дека најверојатно сите четворица заложници се Албанци. Портпарол на фирмата меѓутоа посочи дека моментално не располага со директни и дефинитивни информации. Ова претпријатие со седиште во Дизелдорф меѓу другото во Авганистан се грижи за отстранување на отпадните води од касарните на американската и авганистанската војска.