1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен водачот на терористите во Мали?

ЖА/дв/дпа/афп/ртре 3 март 2013

Во Мали е убиен исламистот Моктар Белмоктар, информацијата ја пренесуваат функционери од армијата на Чад. Белмоктар е одговорен за нападот врз гасната централа во Алжир. Ова е веќе втор лидер за чие убиство се јавува.

https://p.dw.com/p/17pQK
Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/INTELCENTER

Белмоктар наводно бил убиен во напад врз исламистички камп во планинскиот масив Адрад Ифога во северно Мали. Командантот на војската на Чад, Закариа Нгобогу пренесува дека во нападот извршен од војниците од Чад страдале бројни екстремисти, како и дека кампот на „џихадисти и шверцери на дрога“ е целосно уништен. Засега нема други извори кои би ја потврдиле информацијата. Локалните функционери од Кидала, градче кое се користи како база за воените операции, изразија сомнеж во убиството, сметајќи дека Чад сака да си припише непостоечки успеси како компензација на сопствените загуби.

„Едноокиот“ се закануваше со нови напади

Моктар Белмоктар, Алжирец познат како „едноокиот“, се одметна во 1991 година кога секуларната власт во Алжир ги поништи изборите на кои победија исламистичките партии. Според сопствени зборови, Белмоктар претходно бил во камповите на Ал Каеда во Авганистан, меѓу другите и кај Осама бин Ладен. Белмоктар преминал во Мали околу 2000-та година и ја предводи Ал Каеда на исламски Магреб.

Лани во октомври ја основаше сопствената група Ал Мулатамин, што во слободен превод значи „потпишани со крв“. Оваа организација е одговорна за киднапирањето на десетици заложници во гасната централа во Алжир кон крајот на јануари. Драмата беше окончана со виздушен напад на алжирската војска во кој беа убиени над 30 терористи и повеќе од 20 заложници. Останатите киднапирани, меѓу кои и бројни странски државјани, успеаја да побегнат.

По овој напад, Белмокатр продолжи да се заканува со нови акции, доколку француската војска не ја прекине воената интервенција во северниот дел од Мали. Францускиот контингент во овие операции е поддржан од 200 војници од Чад. По успешната офанзива во централниот дел од Мали и ослободувањето поголем број градови, екстремистите се повлекоа главно во планините Адрад Ифог, каде последните недели се водат борби.

Mali Abdelhamid Abou Zeid getötet Screenshot
Абу Зеид е наводно исто така убиенФотографија: Reuters

Убиен и друг важен терорист?

Во петокот Чад ја објави смртта на друг важен исламист, Аблехамид Абу Зеид, по потекло од Алжир, убиен на 22 февруари во истата планина. Зеид долго соработувал со Белмоктар. Веста за неговото загинување не е потврдена од властите во Мали, Франција или Алжир, зашто анализата на ДНК треба да го даде конечниот одговор. Од Белата куќа во Вашингтон кратко соопштија дека извештаите за убиството на познатиот терорист делуваат веродостојно. Абу Зеид првпат стигнана насловните страници на западните медиуми во 2003 година, кога групата под негово водство киднапираше 32 Европејци во Сахара.