1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен „новиот Осама“

7 август 2009

Анонимен советник на Бејтула Месуд, лидер на пакистанските Tалибанци, потврди дека Месуд бил убиен во американски ракетен напад. Вашингтон и Исламабад ја проверуваат веродостојноста на информацијата за неговата смртта.

https://p.dw.com/p/J5Qf
Во напад во Пакистан убиен е Бејтула МесудФотографија: AP

Државниот непријател број еден на Пакистан е мртов. Пакистанските медиуми јавуваат дека Бејтула Месуд загинал во средата во пакистанскиот регион Јужен Вазиристан повикувајќи се на изјавата на неговиот советник, кој сакаше да остане анонимен. Според него Месуд веќе бил и погребан во средата вечер во неговото родно село Нардосаи. Пакистанската влада пак беше многу повоздржана кога станува збор за потврдата на оваа информација:

„Реков нашите информации се засноваат на тајните служби. И за да бидеме сто проценти сигурни, дека тој е мртов мораме да истражиме и да имаме издржани докази. Дури откако ќе ги имаме, можеме да бидеме стопроцентно сигурни“ , изјави министерот за надворешни работи Шах Махмуд Куареши.

Ладнокрвен стратег на теророт

Во средата беше објавена веста дека една од двете жени на Месуд загинала во американски ракетен напад во областа на авганистанско-пакистанската граница. Веќе во четвртокот се појавија гласини дека и Месуд се наоѓал во куќата која ја нападнало беспилотното летало на ЦИА. Поранешниот политичар во овој племенски регион Махмуд Шах смета дека со ова САД и Пакистан успеале да му зададат силен удар на тероризмот:

Benazir Bhutto vor Attentat Erkenntnisse Scotland Yard
Беназир Буто непосредно пред атентатот за кој се верува дека го организирал токму МесудФотографија: AP

„Месуд беше стратег кој размислува јасно. И во тој стил тој ги водеше своите борби против Пакистан и тоа на многу ефикасен начин. Тоа и отежнуваше на владата да постапува против него“

„ Не разговараме со робови на Американците“

Вашингтон за фаќање на Месуд „жив или мртов“ понуди награда од пет милиони долари, додека пак Исламабад 615 илјади долари. 35-годишниот Месуд е лидер на Талибанците, кој е обвинет за поголемиот дел самоубиствени бомбашки напади во Пакистан од јули 2007 година наваму, во кои загинаа околу две илјади луѓе. Се верува и оти тој го организирал нападот во кој беше убиена поранешната премиерка Беназир Буто. Но за Месуд не се знаеше многу. Тој ретко даваше интервјуа, во кои лицето секогаш му беше покриено. Во нив тој ја пропагираше својата војна против Западниот свет:

„Самите гледате- да беа пакистанските официјални службеници независни, тие би преговарале со нас. Но тие се сите робови на Американците. А ние не разговараме со робови на Американците“, изјави Месуд во интервјуто снимено минатата година во неговиот роден крај Вазиристан.

Malerisch, aber folgenlos
Вазиристан, регион на авганистанско пакистанската граница и роден крај на МесудФотографија: AP

Наследник на Месуд ќе биде негов роднина?

Советникот на Месуд кој ја потврди неговата смрт најави дека набргу треба да биде назначен негов наследник. Пакистанскиот безбедносен експерт Гул Имтиаш вели дека го знае одговорот:

„ Сметам дека наследник ќе биде роднина на Месуд. Сега е важно да се продолжи со притисокот, а за тоа мораат САД и пакистанската армија добро да се координираат. Ако тие го сфатат тоа и го одржат притисокот, тоа ќе биде јасна порака до сите радикални исламисти во Пакистан.“

Навистина САД и Пакистан во изминатите недели им нанесоа тешки удари на Талибанците, зашто постојано напаѓаа нивни засолништа. Веројатно на екстремистите сега ќе им биде потребно некое време за повторно да се организираат без нивните херои.

Автор: Илка Штајнхаузен/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска