1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен телохранителот на германската амбасадорка во Јемен

ЖА/дв/дпа/ртре 7 октомври 2013

Делото носи печат на Ал Каеда: во јеменскиот главен град Сана е убиен телохранителот на германската амбасадорка на отворена улица. Информации дека амбасадорката избегнала киднапирање, се демантирани.

https://p.dw.com/p/19ud0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германецот, вработен во германската амбасада, е убиен додека влегувал во продавници во дипломатскиот кварт од страна на непознати вооружени лица кои успеале да избегаат со автомобил. Информациите дека напаѓачите планирале всушност да ја грабнат германската амбасадорка во Јемен, Карола Милер-Холткепмер, се демантирани. Амбасадорката Милер-Холткемпер „моментно воопшто не се наоѓа во Јемен“, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во Сана. Министерството за надворешни работи на Германија утрово (07.10.2013) соопшти дека е во контакт со надлежните од Јемен и се обидува да го разјасни настанот.

Jemen, Überfall auf deutsche Botschaft 06.10.2013
Нападот се случил пред супермаркет во дипломатскиот квартФотографија: Reuters

Засега никој не ја презеде одговорноста за овој напад.

„Веруваме дека зад нападот стои Ал Каеда“, се вели од јеменската престолнина Сана.

Германската амбасада беше вброена меѓу западните дипломатски претставништва во Јемен кои поради информациите со коишто располагаа американските разузнавачки служби се цел на можни напади од страна на глобалната терористичка организација Ал Каеда. Амбасадата на Германија во август, покрај амбасадите и конзулатите на САД, Франција и Велика Британија, беше затворена две недели.

Во ноември минатата година во Јемен беше убиен дипломат од Саудиска Арабија и неговиот телохранител. Еден месец претходно маскирани лица пукаа во јеменски соработник на американската амбасада.

Германија од пред неколку месеци не им препорачува на своите државјани да патуваат во Јемен поради ризиците кои произлегуваат од внатрешните конфликти, племенските судири, масовни демонстрации и опасност од терористички напади. Освен тоа, во цел Јемен постои опасност странец да биде цел на киднапирање. Во меѓувреме во Јемен е грабнат африкански соработник на УНИЦЕФ, кој бил на пат со јеменски возач, кого киднаперите го ослободиле, како што соопшти организацијата на ОН.