1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УЕФА го комерцијализираше фудбалот

Дирк Кауфман/ Ристо Ѓорѓиев20 септември 2013

Лигата на шампионите туку што започна, а уште еднаш големи награди се во прашање во најелитното европско натпреварување. Хамбуршкиот професор по економија Хенинг Фепел, објаснува кој ќе профитира.

https://p.dw.com/p/19k2u
Фотографија: HWWI

ДВ: Колку УЕФА која го води европскиот фудбал, ќе заработи од сезоната 2013/2014 во Лигата на шампионите?

ХФ: Бруто профитот кој УЕФА го остварува по една сезона од Лигата на шампионите е нешто помалку од 1,5 милијарди евра. Повеќето од тие средства се добиваат од спонзорски договори, телевизиски права и реквизити.

Колку е тоа споредено со другиот европски турнир, Европа лигата?

Европа лигата е многу помала, генерира само една третина од тоа.

Што прави УЕФА со тие 1,5 милијарди евра?

УЕФА дистрибуира 80% од тој профит од телевизиски права и комерцијални договори на клубовите. Останатите 20% се инвестираат во менаџирање, маркетинг и организациски трошоци, а исто така и како солидарни исплати на асоцијации, клубови и лиги.

Парите за клубовите се делат согласно со нивниот успех. Секој од триесет и двата клуба во групната фаза добиваат базична исплата од 8,6 милиони евра, на тоа се додаваат резултатските бонуси од еден милион евра за победа, и 500,000 за нерешен резултат. Секој тим кој ќе премине во втората фаза на натпреварите ќе добие 3,5 милиони евра, секој четврт-финалист ќе добие 3,9 милиони евра, секој полуфиналист 4,9 милиони евра. Победникот ќе добие 10,5 милиони, а додека второпласираниот ќе добие 6,5 милиони евра. Така што може да се каже дека има финансиски поттик за екипите да победуваат.

Ако погледнеме во листата на клубови кои најмногу профитираат, тоа се секогаш големите клубови кои и без тоа имаат голем буџет. Мислите ли дека УЕФА вака ја зацврстува статус-кво ситуацијата?

Тоа навистина може да се рече. УЕФА одделува огромни суми на пари за големите, успешни клубови, кои потоа ги користат парите за да купат играчи, привлекувајќи ги со огромни плати, а тие ѕвезди подоцна им помагаат да си го зацврстат статусот.

УЕФА исто така започна една регулатива наречена „Финансиски фер плеј“ која предвидува дека клубовите не би требало да трошат повеќе отколку што заработуваат. Тоа повторно им помага на фудбалските клубови кои од УЕФА добиваат големи суми, а им оневозможува на малите клубови да земат заеми за да купат играчи. Исто така ја отежнува и ситуацијата за индивидуалци кои сакаат да купат фудбалски клуб и да инвестираат во него за да го донесат до одередено ниво.

Германскиот клуб Шалке, мораше да игра квалификациски дуел за групната фаза на Лигата на шампионите, што во превод значи дека играле во дуел во кој во прашање се доведени добивање или губење на дваесет милиони евра. Каков притисок тоа прави врз клубот?

Навистина, постои голем притисок врз клубовите да добија дел од колачот на Лигата на шампионите. Тоа може да се види и во Бундеслигата, каде сѐ повеќе и повеќе од клубовите се обидуваат да играат во европски турнир. Имаме многу повеќе клубови со таа амбиција од четири кои моментално ја претставуваат Германија во местата кои и се доделени (Бајерн, Борусија, Леверкузен, Шалке). Многу е примамливо за клубови како што се Штутгарт, Волфсбург или Хамбург, да инвестираат многу пари за да се обидат и да се квалификуваат, но тоа не секогаш се исплаќа.

Многу фанови ја гледаат Лигата на шампионите како голема машина за правење на пари, и велат дека би било подобро да се вратиме на стариот систем на нок-аут и еден единствен европски турнир. Дали е тоа само носталгија или е реална можност?

Дефинитивно е алтернатива. Но, УЕФА може да направи повеќе профит доколку ги продолжи групните натпреварувања, иако тоа можеби е неатрактивно за навивачите. УЕФА има монопол на Лигата на Шампионите и може да си дозволи да ги протурка своите идеи и замисли независно од тоа дали тоа им се допаѓа на навивачите или не.

Клубовите пак, се за подолги групни натпреварувања затоа што така заработуваат од телевизиски права. Па така можеме да кажеме дека УЕФА навистина го комерцијализираше фудбалот.

Минатата година финалето се играше во Лондон, пред тоа се играше во Минхен, а годинава ќе се игра во Лисабон. Кој одлучува каде ќе се игра финалето?

Градовите аплицираат до УЕФА, каде што комитет ја оценува нивната апликација, го проценува квалитетот на стадионот, дали има аеродром, добар јавен превоз, и доволно ресторани и хотели за да се справат со напливот на навивачи.

Дали градовите прават голем профит од тоа што се домаќини на финалето?

Па, тие профитираат од медиумското внимание, и од навивачите на неколку дена пред и после финалето. Но УЕФА, како секоја голема спортска организација како што се ФИФА и МОК, ги лиценцира спонзорите и го организира маркетингот на настанот, па така тие земаат голем дел од профитот.

Хенинг Фепел е професор на Школата за бизнис при универзитетот во Хамбург од 2010 година. Тој исто така е експерт за здравствена и спортска економија при хамбуршкиот Институт за светска економија, од 2006 година.