1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УЕФА отвори истрага против Србија и Англија

БГ/макфакс/бета18 октомври 2012

Повод за истрагата се инцидентите за време на дуелот на селекциите до 21 година, кој се одигра во вторникот во Крушевац. Англичаните се жалеа дека биле навредувани и напаѓани.

https://p.dw.com/p/16RqP
Фотографија: picture-alliance / dpa

Европската фудбалска унија (УЕФА) покрена дисциплинска постапка против Фудбалскиот сојуз на Србија (ФСС) и Фудбалската асоцијација на Англија (ФА).

„Поради низа инциденти кои се случиле на стадионот ‘Младост’ во Крушевац, УЕФА покрена дисциплинска постапка против ФСС и ФА“, стои во соопштението на УЕФА.

„По наводните обвиненија, дека по завршувањето на натпреварот, навивачите на Србија упатиле расистички навреди кон англиските фудбалери, УЕФА покрена постапка против ФС на Србија, како и против играчите на Србија поради физички напад врз противнички играчи“, наведува УЕФА. Овие точки ќе бидат разгледани на редовниот состанок на УЕФА, кој е закажан за 22. ноември.

ФА соопшти дека веќе вложила жалба до УЕФА, поради расистички навреди, а случувањата на натпреварот ги осуди премиерот на Британија, Дејвид Камерон. Англиските фудбалери се жалеа дека во текот на целиот меч нивните соиграчи со црна боја на кожата биле навредувани на расна основа од српските навивачи, а по натпреварот неколкумина од нив биле и физички нападнати.

Инцидентите ги осуди селекторот на англиската репрезентација до 21 година Стјуарт Пирс. Сепак тој истакна дека директорот на сите фудбалски селекции на Србија, Саво Милошевиќ, бил во нивната соблекувална и се извинил за инцидентите.

Некогашната легенда на англискиот фудбал, Пол Инс, чиј син Томас играше на натпреварот во Крушевац, побара Србија да биде суспендирана во следните пет квалификациски циклуси. Српската фудбалска федерација и во минатото беше предмет на истраги од страна на УЕФА поради слични испади на нејзините навивачи.