1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ужасно страдање во Северна Кореја

Ханс-Јирген Маурус (ард)/ Е.М.Фиданоска17 септември 2013

Затворениците во Северна Кореја се изложени на големи страдања, произлегува од извештај на ОН, претставен денеска во Женева. Затворениците се изложени на глад и се тешко злоставувани, а зад сето тоа се крие систем.

https://p.dw.com/p/19jPt
Фотографија: picture alliance / dpa

Очите на светот се вперени кон страдањето во Сирија, но не смее да се заборави ниту страдањето на луѓето во Северна Кореја, пишува претседателот на Комисијата на Советот на ОН за човекови права во извештајот за Северна Кореја. Членовите на Комисијата, во текот на сослушувањата на лица во Јужна Кореја и Јапонија, добиле информации за големи повреди на човековите права во Северна Кореја. Нормални граѓани се апсат и измачуваат само затоа што гледале странски серии на телевизија или се религиозни. Преживеани затвореници раскажуваат како гладувале во детството и како членови на нивните семејства биле казнувани.

Најновиот извештај на Комисијата опфаќа драстични случаи. Едно момче раскажува дека од раѓање израснал во затвор, се хранел со стаорци, гуштери и трева и морал да гледа како ги убиваат мајка му и брат му. Млада жена опишува како по бегството од Северна Кореја била киднапирана, вратена во земјата и затворена. Таа морала да гледа како една мајка била принудена да си го удави бебето во кофа со вода. Друг сведок тврди дека морал да товари трупови на затвореници на количка, да ги гори во печка и пепелта да ја расфрла по полињата.

Во документот на Комисијата на ОН се вели дека тоа не се изолирани случаи, туку се израз на систематска повреда на човековите права. Се разговарало и со сведоци кои поради страв од можни последици по нивните роднини во Северна Кореја, не сакале да дадат изјава пред Комисијата.

Официјален Пјонгјанг остро ги отфрла обвинувањата и тврди дека се тоа „клеветења од страна на општествениот џган“. Комисијата на Советот за човекови права на ОН ќе продолжи со истрагата и својот нов извештај ќе го поднесе на крајот на октомври