1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Војна на нерви

ЖА/дв/миа/дпа/ртре24 јануари 2014

Во политичката борба против државното раководство во Украина, опозицијата започна протестни акции и надвор од Киев. Кризниот разговор со претседателот Виктор Јанукович не донесе резултат.

https://p.dw.com/p/1AwXE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Антивладините демонстранти од синоќа (23.01) ја презеле контролата врз зградата на Министерството за земјоделство, а за време на упадот во објектот обезбедувањето не пружило отпор.

Според еден од учесниците во протестите, во таа зграда ќе биде сместена група која „ќе извршува функции на вооружени сили“, пренесува ИТАР-ТАСС. Лидерот на украинската опозиција Виталиј Кличко ги повика приврзаниците да организираат генерален штрајк, а според информациите на украинските медиуми, демонстрантите подигнале барикади околу заземените објекти на државната администрација во Лавов и Ровн, со цел да се заштитат од евентуални напади на полицијата.

„Властите мора да се соочат со генерален штрајк. Ако бидеме обединети, нема да не‘ поразат. Ќе живееме во нова Украина уште оваа година“, им порача Витали Кличко, на своите поддржувачи.

Учесниците во демонстрациите побараа веднаш да се одржат состаноци на регионалните совети со цел усвојување резолуција за ситуацијата во државата.

Демонстрантите во Киев незадоволни од преговорите со Јанукович

Илјадниците демонстранти на Плоштадот на независноста во Киев не се задоволни од исходот од преговорите меѓу опозицијата и украинскиот претседател Виктор Јанукович. Демонстрантите извикуваа „Срамота“, и негодуваа додека лидерите на опозицијата им пренесуваа резултати од разговорите кои синоќа ги водеа со претседателот и ги повикуваа да останат мирни.

„Ги чувствувам тензиите што овде се присутни. Чувствувам колку се надевате. Ова (исходот од преговорите) ќе Ве разочара“, нагласи во обраќањето пред десетици илјади демонстранти, Витали Кличко, лидер на опозициската Удар. Кличко сепак, додаде: „Можеме да ја смениме власта и без крвопролевање.“

Лидерот на националистичката партија Свобода, Олег Тјагњбок пак го пренесе ветувањето на властите дека ќе ги ослободат сите опозициски активисти уапсени за време на протестите. Тој додаде дека постои предлог да се направи тампон-зона меѓу демонстрантите и полицијата и главниот собир на Плоштадот на независноста да биде заштитен од полицијата.

Третиот опозициски лидер кој учествуваше во разговорите Арсениј Јацењук рече дека демонстрантите не треба да се откажат и повика на мирни протести. Разговорите на опозицијата со Јанукович траеја четири часа. Кличко претходно успеа да издејствува примирје меѓу демонстрантите и полицијата во Киев додека траат преговорите.

Ukraine Proteste Gespräch mit Janukowitsch Kiew 24.01.2014
Кризната средба кај Јанукович без резултатФотографија: Mykhaylo Markiv/AFP/Getty Images

Демонстрантите во средата му поставија ултиматум на Јанукович да распише предвремени избори во рок од 24 часа или ќе се соочи со пожестоки протести.

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон изјави дека ќе ја посети Украина следната недела за да се сретне со украинскиот претседател Виктор Јанукович и со претставници на опозицијата. Ештон преку писмено соопштение нагласи дека вратите за дијалог и за политичкото решение на украинската криза треба да останат отворени.

Истовремено Јанукович телефонски разговараше со германскиот канцелар Ангела Меркел и со американскиот заменик-претседател Џо Бајден. Во двата разговори биле разгледани можностите за мирно решавање на украинската криза. Меркел го повика Јанукович да ги поништи законите, со кои се ограничуваат правата на граѓаните да протестираат, соопшти кабинетот на канцеларката.

Полицајци брутално малтретирале демонстрант во Киев

На украинските портали, но и ја „Јутјуб“, се појавија снимки на кои е прикажана брутална постапка на полицијата во Киев кон еден од демонстрантите. На снимката се гледа како полицијата натерала маж целосно да ја соблече својата облека и да стои гол на температура далеку под нулата. За да го понижат дополнително, полициските службеници неколку пати го удирале со раце и со палки, а потоа и се фотографирале со него. Снимката беше емитувана и на украинските телевизии. На крајот сепак полициските службеници му дозволуваат на демонстрантот да влезе во комби возилото, но пред тоа уште еднаш е применета физичка сила врз него од еден полицаец кој го удира по главата и ногата. Според полициските информации, покрената е истрага за полициските службеници кои се појавуваат на снимката, а од управата се извинуваат за ваквата постапка на нивните вработени.