1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина го менува курсот

8 февруари 2010

Меѓународните набљудувачи во Украина денеска (08.02.2010) ги оценија вчерашните претседателски избори како „професионални, транспарентни и чесни“. Во претседателската фотелја ќе седне опозицискиот лидер Виктор Јанукович.

https://p.dw.com/p/LvmE
Воскресна од пепелот на „Портокаловата револуција“: новиот претседател Виктор ЈануковичФотографија: AP

Пет години по големите протести против него што прераснаа во т.н. „Портокалова револуција“, Виктор Јанукович стана сепак нов претседател на Украина. По пребројувањето на 98% од ливчињата тој освоил 48,5%, додека соперничката, премиерката Јулија Тимошенко, дошла до 45,9 проценти. Таа најави дека ќе упати жалба на изборниот резултат доколку биде тесен и го обвини Јанукович за изборни манипулации. Но, откако денеска напладне ОБСЕ објави дека изборите минале мирно и демократски, Тимошенко ја откажа закажаната прес-конференција.

Претседател на сите Украинци

Виктор Јанукович веќе претходно се прогласи за победник и упати сигнал на помирување:

„Треба да се обединиме против непријателите како што се сиромаштијата, неодговорноста и корупцијата. Треба да изградиме успешна и силна држава. Му благодарам на Бога што ни помогна да отвориме ново поглавје во историјата на нашата земја.“

Wahlausgang in der Ukraine Präsidentschaftswahl
Колку долго ќе биде омилен? Приврзаничка на Јанукович во центарот на КиевФотографија: AP

Јанукович исто така порача дека ќе се обиде да ја стекне довербата и на избирачите на соперничката Тимошенко: „Верувам дека нејзините гласови треба да се земат предвид. Ќе се обидам да водам таква политика, што ќе ја стекне и нивната доверба.“

Битка и за премиерското место?

Ова е нов тон во изјавите на победникот Виктор Јанукович, бидејќи претходно тој побара од актуелната премиерка Тимошенко да се повлече од функцијата. Според познавачите на приликите, тој сака да го интегрира во новата коалиција третиот по ред кандидат за претседател, милионерот Сергеј Тигипко, кому би му ја доверил премиерската функција. Експертите меѓутоа во тесниот изборен резултат гледаат потврда од избирачите за Јулија Тимошенко како премиер на украинската влада.

Поддршка и од Западот

Од новиот претседател познавачите очекуваат да ги подобри односите со големиот сосед, бидејќи Виктор Јанукович се смета за про-руски ориентиран. Тој најави дека ќе го воведе рускиот како втор официјален јазик, како и дека ќе преговара за продолжување на договорот за стационирање на руската воена флота на Крим и по 2017 година. Во меѓувреме нему повеќе му веруваат и западните политичари дека може да ја стабилизира големата земја, што порано спаѓаше во рамките на Советскиот Сојуз.

Автор: ГЧ/ЖА/дпа/афп

Редактор: Жана Ацеска