1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина да не стане втора Југославија

Обработка. Е.М.Фиданоска21 февруари 2014

Германскиот печат денеска наголемо се занимава со состојбата во Украина, потезите на ЕУ во таа земја и можноста за смирување на конфликтот. Во коментарите се прават споредби и со состојбата во СФРЈ пред 20 години.

https://p.dw.com/p/1BDOU
Фотографија: Reuters

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува:

„Борбата меѓу режимот на Јанукович и опозицијата има потенцијал да се развие во најтежок конфликт меѓу Истокот и Западот по пропаѓањето на Советскиот сојуз. Сега сите се во ќорсокак - Јанукович, кој по толку многу загинати тешко може назад без да го загрози своето приграбено богатство, а можеби и да го загуби животот, потоа опозицијата, чии лидери веќе не можат да ги зауздаат делумно радикалните и насилнички групи во сопствените редови, како и земјата, која се дели откако владата во одредени делови, пред се‘ во западниот, ја загуби контролата врз управата и делови од безбедносниот апарат. Во ќорсокак, меѓутоа, е и Западот, кој во текот на изминатите години правеше обиди да ја смири состојбата во Киев и да посредува меѓу владата и опозицијата.“

„Мителбајерише цајтунг“ околу насилството во Украина, констатира:

„Новото крвопролевање на Мајдан не остава ниту најмалку простор за сомнеж дека украинскиот претседател не се стеснува од ништо и дека за да ја задржи власта е подготвен да оди преку трупови. Од апелите на германската канцеларка Јанукович ќе се ’потресе’ исто толку малку како од парадирањето на водечките ЕУ-министри во неговата палата. Кризниот план за којшто се зборува по средбата, не вреди ништо, дури ни колку хартијата на која е испечатен. Јанукович нема да попушти доброволно.“

„Франкфуртер Рундшау“ смета дека санкциите треба да ги погодат олигарсите:

„За режимот во Киев да биде погоден прилично, не смее да се носат санкции само против семејството на Јанукович и одделни политичари, туку под притисок треба да се стават финансиерите на режимот. Украинските олигарси веќе сега стравуваат од зголемените камати за кредитите во странство и валута во слободен пад. Затоа, блокирање на нивните сметки во ЕУ-земјите или контроли поради можно перење пари, не само што би биле силен политички сигнал до демократските сили во Украина, туку би биле и удар против најслабата точка на режимот - паричникот.“

„Нојес Дојчланд“ се занимава со германското влијание во Украина и коментира:

„На Франк-Валтер Штајнмајер веројатно не му се допадна она што му го порача токму неговиот руски колега вечерта пред да тргне за Киев. Сергеј Лавров рече дека ЕУ треба ’да ги искористи своите тесни и секојдневни контакти со опозицијата‘... Примателот на пораката, германскиот министер за надворешни работи, беше вистински избран, зашто опозициониот политичар Виталиј Кличко е германскиот човек во Киев.“

„Ханделсблат“ во освртот на денот, под насловот „Само не втора Југославија“ ги споредува актуелната ситуација во Украина и судбината на СФРЈ:

„Страшен ден за Европа. Во Киев навистина почна големо крвопролевање. Сите предупредувања не донесоа ништо... Она што сега се случува во Украина, последен пат во Европа го доживеавме пред 20 години, тогаш во Југославија. Почнува со мал број загинати, потоа стотици загинати и кога се‘ ќе експлодира - десетици илјади загинати. Можеме само да се надеваме дека разумот сепак ќе преовлада. Уште еднаш Југославија? Ве молиме, молиме - не!“